Локалната власт во Велес ги ослободи тротарите, паркингот околу Градскиот пазар и плоштадот Којник од поставените тезги. Ова било со цел сообраќајот да се одвива безбедно, а пешаците да не бидат доведени во опасност да бидат удрени од автомобили, велат од Општина Велес.
„Отстранувањето на дивите тезги околу Градскиот пазар го правиме од безбедносни причини. Тротоарите се наменети за пешаци а не за стока која тука бесправно се продава. Многу небезбедно е граѓаните да се движат по лентите за сообраќај, со што го ризикуваат сопственото здравје. Ако некој биде повреден, општината може да биде тужена и да плаќа високи штети. Како што секојдневно се плаќаат по судски пресуди, поради каснување на минувачи од страна на кучиња скитници“, вели градоначалникот Аце Коцевски.
Деновиве се отстранети и тезгите од плоштадот Којник. Нема повеќе продажба и од возила на паркингот близу Градскиот пазар.
„Ова го сторив по барање на СВР, но и повеќе надлежни инспекции и служби – УЈП, пазарна и трудова инспекција, сообраќајна, градежна, на состанок кој неодамна го имавме. Тезгите на Којник се отстранети поради безбедносни причини за нормално одвивање на сообраќајот. Корисниците кои продаваат стока на паркингот близу пазарот, не се придржуваа и не ги почитуваа одредбите на одлуката за работа. Продажба не се врши на соодветен начин, по завршувањето на продавањето просторот не го враќаа во првобитна состојба. Или сметот од пиперки, зелки, патлиџани, во зависност од сезоната не го чистеа. Затоа е подобро просторот да се намени за паркирање на возилата“, додаде Коцевски.
П. ПЕЧКОВ