Квалитетот на водата во Охридското Езеро e одличен освен на одредени точки каде хотели, угостителски објекти, шанкови и приватни домови на брегот со години наназад го загадуваат езерото. Според анализата на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), квалитетот на примероците површинска вода во најголем дел од мерните места се класификацира како одличен, а на неколку како добар.
„По извршените теренски увиди и добиените лабораториски анализи на примероците површинска вода од Охридското Езеро, според Уредбата за класификација на водите, како и Правилникот за начинот и мерките на управување со водите за капење, водата од Охридското Езеро ги исполнува законските барања во однос на физичко-хемиската анализа и истата се класифицира во I и II класа“, стои во извештајот на ИЈЗ.
Во извештајот се нотирани црните точки на кои има загадување на езерските води кои претставуваат проблем со години. Хотел „Десарет”, автокамп „Градиште”, „Љубаништа” и „Ливадишта“, ресторан „Острово” и другите угостителски објекти во Свети Наум, се приклучени на канализациониот систем кој е изграден во 2013, но не функционира. Во фазата на третман на отпадни води постои само дробилица за фекалните материи, но не постојат филтри и нема хлорирање на отпадната вода пред испуст во езеро при што претставува директен загадувач на езерото.
„Перзистираат објектите од последните години кои не се вклучени во колекторскиот систем, а претставуваат потенцијални загадувачи. Тоа се хотелско-угостителските објекти, како и туристичките населби кои се сместени по должината на охридското крајбрежје, од хотел ‘Десарет’ до Свети Наум, потоа, хотелско-угостителските објекти и туристичките населби од Струга до Радожда. Единствено на овој потег приклучен на колекторскиот систем е хотелот ‘Макпетрол’ преку колекторскиот систем од с. Радолишта, Хотел ‘Бисер’ и с. Калишта“, наведено е во извештајот.
Потенцијални загадувачи се и приватните куќи сместени на брегот од Охридското Езеро.
„Приватните куќи од Радожда кои користат септички јами најверојатно понираат или се празнат директно во езерото. Приватните куќи долж целиот брег како и селските населби Трпејца, Љубаништа и Радожда за комуналните отпадни води користат септички јами чие празнење на места го врши јавната комунална служба. Во село Радожда, септичките јами од куќите или директно се празнат во езерото, или бидејќи се наоѓаат на самиот брег од плажата понираат во езерото и на тој начин се директни загадувачи на истото“, наведено е во извештајот.
Како загадувачи посочени се и шанкови поставени на самиот брег на езерото на плажите, како и испустни цевки за собирање на атмосферски води кои се влеваат езерото, реките кои директно се влеваат во езерото Черава, Сатеска, Велгошка, Коселска Река, Црни Дрим и Радика.
„Но, бидејќи станува збор за езеро со значителен број извори, постојано струење на вода, голема водна маса со способност за самопречистување, ова загадување не предизвикува големи промени во класата на водата“, велат од ИЈЗ.
Во извештајот се наведени предлог-мерки за подобрување и заштита на здравствената безбедност на крајбрежните (површински) води на Охридско Езеро, како целосна изградба и поврзување на колекторскиот систем, негова поправка на места каде има дефекти, сите хотелско-угостителски објекти, приватни куќи, колективни стамбени згради, како и селските населби од Свети Наум до Радожда, да се приклучат во колекторскиот систем, а не во одводниот систем за атмосферски води. Коритата на реките кои се потенцијални загадувачи на езерото како и теренот околу нив постојано да се оддржуваат и чистат еднаш до двапати во годината, а пумпите од колекторскиот систем непрекинато да функционираат и за време на обилни дождови.
С. ВРЕНЦОВСКА