ВОДАТА ВО ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО Е ОДЛИЧНА ЗА КАПЕЊЕ, НО ТРЕБА РЕДОВНА КОНТРОЛА НА ЗАГАДУВАЧИТЕ И НОВИ ПРЕЧИСТИТЕЛНИ СТАНИЦИ

    ВОДАТА ВО ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО Е ОДЛИЧНА ЗА КАПЕЊЕ, НО ТРЕБА РЕДОВНА КОНТРОЛА НА ЗАГАДУВАЧИТЕ И НОВИ ПРЕЧИСТИТЕЛНИ СТАНИЦИПри санитарно-хигиенските увиди утврдено е дека во Претор, Сливница, Долно Дупени, Крани, Отешево и Стење не е присутно видливо загадување или цветање на алги и степенот на ризик од загадување е низок. (Фото: СДК.МК)

    Водата од Преспанското Езеро се класифицира како одлична за капење, а според физичко-хемиската анализа на примероци земени од шест мерни места, таа главно спаѓа во прва и втора класа. Мал дел од земените 18 примероци се во трета, четврта и петта класа, поради биолошката и хемиската потрошувачка на кислород што настанува од појава на тиња и зголемена матност на водата, вели Извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за здравствената безбедност на површинските води за капење и проценка на здравствениот ризик пред почетокот на летната сезона.

    Според Правилникот за квалитетот на водата во периодот од 15 мај до 15 септември, површинската вода може да се користи за капење и рекреација како и за спортови на вода.

    „При увидот не се забележани потенцијални загадувачи долж плажите покрај езерото, но сепак, потребна е редовна контрола на водата од загадувачи, и тоа во во село Стење поради подземните води од септичките јами, во село Претор каде отпадните води од сите објекти се собираат во сопствени попивни јами и Отешево каде испустите од пречистителната станица која ги пречистува отпадните води од центарот за рехабилитација во Отешево не се реконструирани повеќе години“,  вели извештајот.

    Во првата половина на 2023,  извршени се 18 санитарно-хигиенски увиди и земени се 18 примероци површинска вода, односно вода за капење од Стење, Отешево, Претор, Сливница, Крани и Долно Дупени. Во периодот на земање примероци имало доста врнежи на кои се должи пореметувањето на квалитетот на водата од езерото. Високите бранови донеле многу песок што довело до појава на заматување на водата од езерото. Земањето примероците за анализа практично беше од делот со многу тиња, а влезот во езерото отежнат.

    При санитарно-хигиенските увиди утврдено е дека во Претор, Сливница, Долно Дупени, Крани, Отешево и Стење не е присутно видливо загадување или цветање на алги и степенот на ризик од загадување е низок.

    Заклучна оцена за здравствена безбедност на водата од Преспанско Езеро е дека плажите на брегот се песочни и средени, потенцијални извори на загадување по должина на плажите покрај езерото не се идентификувани, но сепак потребна е контрола на водата од можните загадувачи, Понатаму, на сите плажи нема проточна здравствено исправна вода за пиење и за туширање, систем за информирање за квалитетот на водата и на ниедна плажа не постојат методи за предупредување во случај на опасност на плажата.

    Надлежните како мерки за подобрување и заштита на здравствената безбедност на крајбрежните води на Преспанското Езеро предлагаат да се продолжи со мониторингот, да се вршат постојани контроли на загадувачите на езерските води во соработка со комуналните општински инспектори и инспекторите од Министерство за животна средина, да се почитува првата зона на санитарна заштита, да се контролира користењето пестициди како средства за заштита на овошните дрвја. Предлагаат итна изградба на колекторски системи со пречистителни станици во селата околу езерото, со што би се заштитило езерото од директно загадување и итна реконструкција или замена на веќе постоечките со нов колекторски систем и пречистителна станица заради подобрување на функцијата на постоечките капацитети.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира