ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ Е НЕИСПРАВНА ВО 60 ОТСТО ОД СЕЛСКИТЕ КАПТАЖИ, ПРЕДУПРЕДИ ЦЕНТАРОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ ВО ТЕТОВО

    ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ Е НЕИСПРАВНА ВО 60 ОТСТО ОД СЕЛСКИТЕ КАПТАЖИ, ПРЕДУПРЕДИ ЦЕНТАРОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ ВО ТЕТОВОИ популарната минерална вода во месноста Бањиче не е исправна за пиење оти во неа се пронајдени повеќе видови фекални бактерии. (Фото: СДК.МК)

    По проверките направени за првите шест месеци од оваа година, водата за пиење е неисправна во поголемиот дел од каптажите во руралните места во Тетовскиот Регион, предупреди Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) од Тетово. Причината за ова, како што велат од Центарот, е поради тоа што овие каптажи и селски водоводи не се одржуваат редовно, нема хлорирање на водата, ниту пак редовно се чистат и дезинфицираат.

    „Шеесет проценти од испитаните мостри земени од селските каптажи за вода за пиење микробиолошки не се исправни. Покрај ова, во седум проценти од овие каптажи и физичко-хемиските анализи покажуваат дека водата не е исправна за пиење.  Водата е неисправна оти нема континуирана дезинфекција, а исто така и многу водоводи се технички неисправни. Освен ова, најчесто кај овие каптажи и извориштата нема изградено заштитни зони околу нив со што би се спречил неовластениот пристап. Исто така, голем проблем претставува и тоа што нема стручно одржување на водоснабдителните објекти и поради тоа доаѓаме до вакви лоши резултати“, вели д-р Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здрава екологија при Центарот.

    Според Давидовски, ова се случува со години. Каптажите и извориштата кај кои е регистрирана неисправност на водата за пиење најчесто се под надлежност на Месните заедници од селата, кои пак немаат доволно финансиски средства за да ги одржуваат и редовно да ја хлорираат водата.

    Во околината на Тетово постојат неколку извори со минерална вода кои кај тетовци се многу популарни, бидејќи велат дека таа вода лечи многу стомачни болести. Најпознати се двата извора, односно чешми со минерална вода во месноста Бањиче. Сепак, во овие летни месеци поради намалениот доток на вода, но и поради градежни активности кои се направени во нивната околина, водата во овие два извора е неисправна за пиење.

    „Очигледно е дека има движење и човечка активност во тој базен. Порано, кога ги испитувавме тие води многу ретко имавме лош резултат, а сега многу голема реткост е водите од овие извори да бидат безбедни за пиење. Поради тоа што многу луѓе рекреираат овој период на годината правиме анализи на водата речиси секој месец, но добиените резултати потврдуваат дека во двата извора водата не е безбедна за пиење бидејќи во неа се пронајдени повеќе видови фекални бактерии. Поради ова, кај овие два извора редовно поставуваме и пишана информација дека водата не е за пиење, но некои несовесни луѓе ги кинат овие известувања и така ги доведуваат во опасност тие што ја пијат оваа вода“, вели д-р Давидовски.

    Со водата за пиење во Тетово засега нема поголеми проблеми. Вчера накратко беше исклучен цевководот кој носи вода од месноста Лешница поради заматување на водата, како последица на дожд кој паднал во тој реон. Филтер станицата поради заматувањето автоматски го прекинала дотокот на водата, но денес веќе состојбата е нормализирана.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира