ВОДОСТОЈОТ НА ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО Е ПОВЕЌЕ ОД ПЕТ МЕТРИ ПОД НОРМАЛАТА, НАЈНИЗОК ВО 20 ГОДИНИ

    ВОДОСТОЈОТ НА ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО Е ПОВЕЌЕ ОД ПЕТ МЕТРИ ПОД НОРМАЛАТА, НАЈНИЗОК ВО 20 ГОДИНИОва е најголем пад на езерскиот водостој во последните дваесет и повеќе години, откако во јануари годинава водостојот на Преспанското Езеро беше три метри под нормалниот. (Фото: СДК.МК)

    Водостојот на Преспанското Езеро изнесува 512 сантиметри или повеќе од 5 метри под нулата, соопштија за САКАМДАКАЖАМ.МК од Секторот за животна средина во Општина Ресен. Ова е најголем пад на езерскиот водостој во последните дваесет и повеќе години. Во јануари годинава, водостојот на Преспанското Езеро беше три метри под нормалниот.

    Ова лето, иако Преспа беше полна со туристи, тие не можеа во целост да му се нарадуваат на Езерото. На многу места водата е повлечена повеќе метри, влезот во езерото станува се’ подалечен, на површина испливуваат треви и трски, а водата е со тиња.

    „Во периодот од 1951 до 1963 година, нивото на водата во Езерото осцилираше на релативно високо ниво околу 850 метри. Од 1987 година нивото на водата почнува да опаѓа нагло и континуирано со достигнување на максимално спуштање во 1995 година околу котата на 844 метри. Во 2008 година, како и кон почетокот на март 2020, имаше спуштање на езерското ниво до минус 493 сантиметри. Сега состојбата со водостојот на Езерото изнесува 512 сантиметри под нулата на водомерната летва во Стење“, вели раководителот на Секторот за животна средина при Општина Ресен Ајман Ал Малла.

    На многу места водата е повлечена повеќе метри, влезот во езерото станува се’ подалечен, на површина испливуваат треви и трски, а водата е со тиња. (Фото: СДК.МК)

    Езерото е погодено од климатските промени, црпењето вода, како и и понирањето на водата од Преспанското во Охридското Езеро поради варовничкиот релјеф и различната надморска височина. Преспанското Езеро е на 853 мнв, а Охридското на 695 метри. Според некои хидролошки истражувања, истечени се околу две Дојрански Езера.

    „Преспанското Езеро е многу уникатен и повредлив еколошки и хидролошки систем, осетлив на климатски услови и активности на човекот. Значајните намалувања во приливот на слатки води во минатите децении не само што сериозно ги погоди крајбрежните видови, туку и ги интензивираше главните деградациски процеси. Системот изгуби прекумерна количина вода што резултураше со драматично снижување на нивото на водостојот на Езерото. Водните ресурси од сливното подрачје на Преспанското Езеро се користат од страна на населението и индустријата. За водоснабдување проценето е дека годишната потреба на вода изнесува 1,5 милиони метри кубни. За наводнување на земјоделските култури вкупната потреба на вода е проценета на околу 36 милиони метри кубни на годишно ниво. Овие бројки се од времето кога во Преспанскиот Регион имаше околу 3.000 хектари овошни насади, а сега има околу 4.500 хактари, тоа значи дека се користи повеќе вода за наводнување“, вели Ал Малла.

    Меѓународна конференција за спас на Езерото, која беше најавена за првата половина од годинава меѓу трите држави кои го делат Езерото – Македонија, Албанија и Грција, беше одложена поради коронакризата. Но, од Општина Ресен велат дека ќе се преземаат краткорочни и долгорочни мерки за заштита, а пред се’ се рестартира проектот „Преспа парк“, со цел прекугранично и одржливо управување со езерските води меѓу трие држави.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира