ЈП „Водовод“ од Куманово потроши над 5,5 милиони денари за три месеци справување со последиците од силното невреме кое ја замати водата во езерата Липково и Глажња, по што градот седум дена остана без вода за пиење. Парите кои не се предвидени во буџетот на претпријатието најмногу се потрошени за електрична енергија и хемиски средства, кои се користени на филтер станицата каде што се прочистува водата.
„Ако граѓаните ја чувствуваа кризата неколку дена, претпријатието повеќе од 80 дена се справуваше со лошиот квалитет на сировата вода. Трошоците за зголемена потрошувачка на електрична енергија, вонредни хемиски анализи на водата и за вонредна набавка на хемикалии се над 5.58 милиони денари. Филтер станицата редовно работеше 24 часа дневно, а под оптоварување до пред два дена беа и пумпните станици во Проевце и Бедиње“, вели директорот на „Водовод“, Оливер Стојмановски.
Во пресметката не се ставени зголемените трошоци за надоместоци за работниците кои дополнително беа ангажирани во ноќните смени и за сервисирање на пумпите кои биле под големо оптоварување.
Бидејќи се работи за временска непогода која предизвика голема штета во работењето на претпријатието, Советот на Општина Куманово побара испорачаната заматена вода да не се фактурира од АД „Водостопанство, Кумановско-липковско поле“, кое стопанисува со браните и ја продава водата на ЈП „Водовод“, а дел од трошоците да ги покријат Општината и Владата.
Жителите на Куманово на 27 мај останаа без чиста вода за пиење од градскиот водовод по големото невреме проследено со пороен дожд и град во Липковско, кое ја замати водата во браните Липково и Глажња, од каде што градот се снабдува со вода за пиење. Откако на еден ден беше целосно прекинато водоснабдувањето, во системот беше пуштена вода која може да се користи само за техничка употреба. Тоа траеше седум дена, додека анализите на Центарот за јавно здравје не покажаа дека водата е исправна.
Поради проблемот со водоснабдувањето, во Кумановската болница не беа во функција операционите сали, па итните случаи се праќаа на скопските клиники.
ЈП „Водовод“ има сериозни финансиски проблеми поради големата потрошувачка на електрична енергија за пречистителната станица за отпадни води на градот. Од претпријатието повеќепати бараа од надлежните министерства да помогнат со одредени олеснувања или субвенционирања бидејќи Куманово е еден од ретките градови кој ја прочистува отпадната вода, но безуспешно.
С. НИКОЛИЌ