ВОЛОНТЕРИ СО ЧАСОВИ СПАСУВАЛЕ ТРИ КУЧЕНЦА ЗАРОБЕНИ ВО РАСТОПЕН БИТУМЕН КАЈ ГРАДСКО

    ВОЛОНТЕРИ СО ЧАСОВИ СПАСУВАЛЕ ТРИ КУЧЕНЦА ЗАРОБЕНИ ВО РАСТОПЕН БИТУМЕН КАЈ ГРАДСКОКученцата имаат оштетување на кожата и тешка е нивната состојба (Фото: „Гласот на животните“)

    Шестчасовна борба се случувала во неделата во близина на Градско, Велешко, за спас на три кученца, кои од непознати причини завршиле во битумен. Тие засега се спасени, но нивната здравствена состојба била тешка. Се започнало со повик на социјалните мрежи откако минувач ги видел трите кученца во растопен битумен во близина на депонијата кај Градско.

    „Ни пиша Никола Аврамов околу 16 часот, кој алармираше дека кученцата се заробени во битумен. Веднаш се организиравме, побаравме помош од некого кој знае како да се ослободат од течноста. Се јави Дејан Симонов, вработен во ‘Македонија пат‘ и тој помогна да се ослободат. Бевме таму околу 17 часот, дојдоа и Никола и тројца негови другари од Градско, па така бевме седуммина, толку спасители не сум видел досега. Течноста била жешка, па се стврднала и не можевме да ги ослободиме. Во интерес на времето, кучињата ги носевме кон Велес и со плочи од битумен на нив кои не можевме да ги отстраниме. Дома во Велес, Мери Стојкова беше повеќе часови со нас и силно помагаше“, кажа Емилија Алексовска од здружението „Гласот на животните“ од Велес.

    Некаде до два часот во понеделникот траело давањето на помошта. Утрото заминале на ветеринар во Скопје, со кого соработуваат.

    „Кученцата имаат оштетување на кожата, тешка е нивната состојба, но радува што јадат. Тие се премлади, месец и пол стари, ризикот е голем. Дали ќе се извлечат, засега е неизвесно, оти кожата им е оштетена и може различни вируси и бактерии да влезат и да се инфицираат и да го загрози заздравувањето. Тешко дишеа, крвната слика не е најдобра. Не можам да кажам дека некој ги фрлил во битуменот, но некој ги оставил таму и тие влегле во растопената течност. Тие добиваат третман од неколкучасовно капење за да се отстрани катранот“, рече Емилија.

    Здружението „Гласот на животните“ има тројца волонтери, кои во засолништето изградено од нив се грижат за бездомните кучиња од Велес. Иако има капацитет за згрижување на 40 кучиња, сместени се 90. Работат на обезбедување нова локација за поголем прифат и таа ќе биде подалеку од градот. Се финансираат од донации од граѓани и фирми.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира