ВОЗДУХОТ ВО ТЕТОВО ПОВТОРНО ЗАГАДЕН НАД ДОЗВОЛЕНИТЕ ГРАНИЦИ, ОПШТИНАТА НЕ КАЖУВА КАКВИ МЕРКИ ЌЕ ПРЕЗЕМЕ

    ВОЗДУХОТ ВО ТЕТОВО ПОВТОРНО ЗАГАДЕН НАД ДОЗВОЛЕНИТЕ ГРАНИЦИ, ОПШТИНАТА НЕ КАЖУВА КАКВИ МЕРКИ ЌЕ ПРЕЗЕМЕТетово во изминативе неколку години често се наоѓаше во врвот на најзагадени градови (Фото: СДК.МК)

    Во изминативе два дена воздухот во Тетово повторно е загаден, а вредноста на ПМ10 честичките бил над дозволеното ниво. Поради ова, од Општина Тетово алармираат до граѓаните да преземат неопходни мерки за заштита, но не соопштуваат какви мерки ќе преземе општината.

    „Врз основа на Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за нивоата и видовите на загадувачки материи во амбиенталниот воздух и праговите за тревога, ве известуваме дека врз основа на податоците добиени од Управата за хидрометеоролошки работи и согласно горенаведената Уредба констатирано е дека е надминат информативниот праг за загадувачки честички со големина до 10 микрометри. На 3 февруари, нивоата изнесуваа 135,21 нанограми на кубен метар, а следниот ден се движеа меѓу 122,18 и 135,28. Надминувањето на овие гранични вредности може да има негативни последици за јавното здравје. Ве советуваме да ги преземете неопходните мерки за да се заштитите себеси и другите од негативните ефекти на загадениот воздух“, се вели во информацијата испратена од Општина Тетово.

    Тетово во изминативе неколку години често се наоѓаше во врвот на најзагадени градови, не само во Македонија, туку и на светско ниво. Лани за првпат е забележано значително подобрување, па се регистрирани само 89 денови кога била надмината дозволената гранична количина на штетни честички во воздухот. Ова е значајно подобрување во споредба со 2015, кога само 16 дена воздухот во Тетово не бил загаден над дозволените граници.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира