ВРАБОТЕНИ ОД „КОЛСКА“ ЧАС И ПОЛ ГО БЛОКИРАА ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ СООБРАЌАЈ ПОРАДИ НЕИСПЛАТЕНИ ПЛАТИ

    ВРАБОТЕНИ ОД „КОЛСКА“ ЧАС И ПОЛ ГО БЛОКИРАА ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ СООБРАЌАЈ ПОРАДИ НЕИСПЛАТЕНИ ПЛАТИПоследна плата која ја добиле вработените од „Колска“ е за јуни, а од јули наваму немаат ниту здравствено осигурување. - Од блокадата на станицата во Велес (Фото: СДК.МК)

    Вработените во велешката фабрика за шински возила „Колска“ 90 минути го блокираа железничкиот сообраќај во земјава поради неисплатените плати. Стотина вработени од „Колска“ и двапати повеќе патници во возовите, утрово од 7.30 до 9 часот беа на железничка станица во Велес. Првите протестираа и бараа работа и плата, вторите чекаа да го продолжат патувањето. Час и половина траеше штрајкот на вработените од велешка „Колска“ на Железничката станица во Велес. За овие 90 минути беа сопрени три патнички воза, на кои со жив штит на им беше дозволено да го продолжат патувањето.

    Работниците од фабриката за шински возила „Колска“ на овој начин го изразија револтот, поради неисплатените плати, немањето средства за да можат да работат и нерешавањето на статусот на Друштвото, кое е во државна сопственост.
    „Последна плата која ја добивме е за јуни, од јули наваму немаме ниту здравствено осигурување. Имавме повеќе средби со премиерот Заев, вицепремиерот Анѓушев, министерот за транспорт и врски Сугаревски за решавање и разрешување на проблемот со фабриката. Конкретни резултати нема, а бараат трпение од нас. Овој штрајк е израз на силниот револт кај вработените. Им се извинувам на патниците и барам и тие да не сфатат. Ние не бегаме од работа, сакаме работа. Се намалува бројот на вработени, некои починаа, други се во Болница. Овој притисок со неисплатени плати, најмногу го чувствуваме врз здравјето“, изјави Слободан Димитриевски претседател на синдикатот во „Колска“.

    Од договорот со Македонски железници, половина бил реализиран. Останале да се поправат уште 50 товарни и еден патнички вагон, но немаат средства за да обезбедат репроматеријал. Владата пред две седмици донесе одлука финансиски да и помогне на „Колска“ со 15 милиони денари. Тие и по толку време не се добиени.
    „Средствата не се исплатени оти сметката ни е блокирана од УЈП. Ни кажуваат дека се бара законски начин како тие да легнат, да се помогне, но се да било во рамките на Законот. Бараме да се реши што побргу, оти сите имаме фамилии за гледање а без пари не се живее. Останува да се тера процесот за спојување со Македонски железници, оти тоа според нас вработените тоа е единственото решение за ‘Колска’. Ние бевме дел од нив и работиме за нив“, објасни Димитриевски.

    Тој додаде дека бараат финансиска полиција да влезе во „Колска“ и да утврди како се работело, каде и за што се трошеле парите. За време на штрајкот бројни беа реакциите на патниците од возовите кон Битола, Гевгелија и Скопје кои беа стопирани, кои велеа дека не се информирани за тоа дека ќе има застој во железничкиот сообраќај и поради тоа доцнат, повеќето на лекар во закажан термин. Мораа да плаќаат такси па потоа патувањето да го продолжат со автобус. Од синдикалното раководство на ,,Колска,, најавија дека утре, петок штрајкот продолжува со тоа што ќе протестираат час повеќе од денес, од 7 до 10 часот.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира