ВРАБОТЕНИ ВО РЕК СО СИМПТОМИ НА ТРУЕЊЕ СО ХРАНА, ДЕЛ ЗАВРШИЈА ВО БОЛНИЦА, ОД КОМБИНАТОТ ВЕЛАТ ДЕКА Е МОЖНА И ВИРУСНА ИНФЕКЦИЈА

    ВРАБОТЕНИ ВО РЕК СО СИМПТОМИ НА ТРУЕЊЕ СО ХРАНА, ДЕЛ ЗАВРШИЈА ВО БОЛНИЦА, ОД КОМБИНАТОТ ВЕЛАТ ДЕКА Е МОЖНА И ВИРУСНА ИНФЕКЦИЈАОд комбинатот велат дека во кујната редовно, на дневна основа, се земаат мостри од храната, со што се следи и се потврдува нејзиниот квалитет и безбедност. (Фото: СДК.МК)

    Вработени од РЕК „Битола“ се пожалиле на стомачни тегоби кои е можно да се предизвикани од труење со храна. Неколкумина од работниците побарале лекарска помош во болницата, а други со слични симптоми го напуштиле работното место и заминале на домашно лекување.

    Од СДСМ Битола обвинија дека голем број вработени се затруле од оброкот послужен вчера во рудникот на РЕК „Битола“.

    Од РЕК „Битола“ соопштија дека не станува збор за масовно труење, туку дека само 4–5 лица побарале медицинска помош во болницата во Битола, додека дел од останатите вработени со потенцијални тегоби заминале дома без да побараат лекарска помош. Оттаму велат дека во моментов не може со сигурност да се утврди дали станува збор за труење со храна или за вирусна инфекција, имајќи предвид дека е период на зачестени вирусни заболувања. „Конечните резултати ќе бидат познати по завршувањето на вонредниот инспекциски надзор“, велат од РЕК.

    „Лицата се упатени на дополнителни прегледи и анализи во Клиничката болница Битола, со цел утврдување на нивната здравствена состојба и евентуалните причини за појавените симптоми“, додаваат од комбинатот.

    Со кујната во РЕК управува хотелот „Молика“. Од комбинатот велат дека во кујната редовно, на дневна основа, се земаат мостри од храната, со што се следи и се потврдува нејзиниот квалитет и безбедност.

    „Дополнително, не постои можност да се утврди дали сите засегнати лица ја консумирале храната, во кое време ја подигнале, ниту пак дали истата била складирана и чувана во соодветни услови по нејзиното преземање, што може да влијае врз нејзиниот квалитет“, рекоа од РЕК.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира