На вработените од Јавното комунално претпријатие (ЈКП) „Тетово“ деновиве им се исплатени заостанатите плати за август, септември, октомври и ноември. Ова следи откако Советот на Општина Тетово на седницата од 11 декември донесе одлука за покривање на загубите на „Тетово“ во висина од 60 милиони денари (над 970.000 евра). Со овој износ, освен заостанатите плати ќе се подмират и долговите за здравствено и пензиско осигурување кои исто така не им беа платени.
„Вработените во ЈКП ‘Тетово’ над три години, од 2021 па досега, се соочуваат со доцнење на платите. Сега, првпат после три години, сме во ситуација во декември да добиеме редовна плата за ноември оваа година“, вели Мирослав Симоски, раководител на Одделението за православните гробишта.
Изминативе три години, поради доцнењето на платите вработените повеќе пати ја прекинуваа работата барајќи да им се исплатат парите и придонесите. Посебно проблем им претставуваше што не им беше подмирено здравственото осигурување, па поради честите повреди на работното место, мораа самите да ги плаќаат лекарствата и здравствените услуги.
Заради надминување на тешката финансиска состојба и големиот долг кој го имаше јавното претпријатие, на почетокот на годината комунално претпријатие се подели на три делови. Водоводот и канализацијата преминаа во новоформираното претпријатие „Шари“, менаџирањето со комуналниот отпад, преку приватно-јавно партнерство го презеде словенечката фирма „Саубмахер“, а ЈКП „Тетово“ ги задржа секторите: Јавна чистота, Зелен пазар, Православните гробишта и Паркови и зеленило.
З. АНДОНОВ