Вреќи со мртви кучиња и медицинска опрема биле пронајдени утринава од случајни минувачи во напуштената касарна во населбата Карпош. Како што соопштуваат од здружението „Анима мунди“ на нивната Фејсбук страница, за случајот е известена и полицијата. Тие претпоставуваат дека кучињата се убиени, и тоа од стручни лица, бидејќи имале канили во вените.
„Кучиња во вреќи и некои надвор од вреќите, собрани на куп. Куче кое делува дека барем кусо време било живо и се извлекло од вреќата, за потоа да умре. Кучиња со вкочанети вилици кои укажуваат на насилна смрт, со канили во вените, што укажува дека интервенирал ветеринар. Вреќи полни ѓубре, медицинска опрема и некакви ќебиња и јоргани, кои не ги отвораме, за да користат како материјален доказ за итна полициска истрага. Нема зборови кои се потребни да се дополни овој толку монструозен чин“, пишуваат од Здружението.
Тие бараат од надлежните под итно да ги најдат и најостро да ги казнат сторителите, кои ги фрлиле мртвите животни на запустено место, каде нема речиси никаква фреквенција на луѓе.
Од СВР Куманово потврдија дека во 12.05 часот од здружението „Анима мунди“ го пријавиле случајот, по што полицискa екипa излегле на терен и врши увид.
С. НИКОЛИЌ