Пред почетокот на новата учебна и студиска година прашање е дали ќе има доволно интерес кај студентите за сместување во студентскиот дом „Браќа Миладиновци“ во Штип, каде на располагање се 236 места. Во исто време, 180 средношколци веќе поднеле пријави за сместување во штипскиот дом.
Домот „Браќа Миладиновци“ порано беше за сместување на ученици, но по формирањето на Универзитетот „Гоце Делчев“, од 2007 е под ингеренции на Министерството за наука и образование (МОН) и прерасна во студентски дом. Според утврдениот лимит за новата студиска година 2025/26, домот има обврска да прими најмногу 47 бруцоши. Сместување на студенти организираат и двата приватни дома во Штип, кои имаат 112 места.
„Приемот и селекцијата на кандидатите кои електронски конкурираат за сместување во ‘Браќа Миладиновци‘ ги врши МОН, а ако останат слободни места, селекцијата на учениците кои ќе добијат легло ја врши домот, врз основа на исполнување на условите и нивно рангирање, но пак верификација дава МОН. На двата пријавни рока за ученици во јуни и јули се пријавија 180 средношколци. Интересот е голем затоа што тие не плаќаат ништо за сместувањето, чии месечни трошоци во износ од 11.000 денари по ученик ги подмирува МОН“, вели директорката студентскиот дом „Браќа Миладиновци“, Гордана Барбашка.
Студентите за сместување во домот партиципираат со 50 проценти, во износ од 3.410 денари. Исто така, за разлика од учениците, кои од кујната на домот добиваат бесплатно три оброка, студентите имаат само ручек и вечера затоа што тие од МОН добиваат субвенциониран студентски оброк во износ од 140 денари.
Намалениот интерес на студентите за сместување во домот не е резултат само на партиципацијата. Во овој дом нема соби за двајца или тројца, туку за најмалку четворица студенти, па студентите кои се од градовите во регионот се одлучуваат или за секојдневно патување до Штип или бараат приватно сместување.
Со некои исклучоци, слична е состојбата и во останатите студентски домови во државата. Домот во Охрид има капацитет за 242 студенти, во Прилеп за 330, во Битола за 385, двата дома во Тетово можат да сместат 415 студенти, а трите студентски дома во Скопје имаат вкупен капацитет од 2.544 студенти, од кои 1.212 во студентскиот дом „Гоце Делчев“.
Според објавениот конкурс на МОН, 40 проценти од расположивите места во домовите се за студенти чии вкупни примања во семејството се до нето минималната плата, 25 проценти од местата се за студенти кои постинале особено висок успех, а 35 проценти се за редовни студенти запишани во прв циклус на јавните и приватните универзитети кои не припаѓаат во претходните две групи.
Списоци на примените ќе бидат објавени на огласните табли на домовите најдоцна до 6 септемрви за студентите од втора и погорните години и до 30 септември за бруцошите. МОН додава дека ако во студентските домови останат празни места, тогаш можат да бидат пополнети со ученици.
Што се однесува до ученичките домови во Македонија, во Струмица се примени 96 ученици, домот во Куманово има листа од 12 кандидати, во Гостивар се примени 105 ученици, во Кавадарци 35, во Охрид 125, во Македонски Брод 26, во Велес 155, во Битола 283 и во четирите ученички домови во Скопје се примени 519 ученици.
Т. ЈОВАНОВСКИ