ЗА 6,7 МИЛИОНИ ЕВРА КАМЧЕВ ЈА ПРОДАВА БИОГАСНАТА ЦЕНТРАЛА ВО ЛОГОВАРДИ ВО КОЈА ЗАЕДНО СО ФАРМАТА БЕА ВЛОЖЕНИ 20 МИЛИОНИ ЕВРА

    ЗА 6,7 МИЛИОНИ ЕВРА КАМЧЕВ ЈА ПРОДАВА БИОГАСНАТА ЦЕНТРАЛА ВО ЛОГОВАРДИ ВО КОЈА ЗАЕДНО СО ФАРМАТА БЕА ВЛОЖЕНИ 20 МИЛИОНИ ЕВРАБиогасната централа во Логоварди е најголема во земјава со инсталиран капацитет за производство на струја од три мегавати на час. Лиценца за производство на струја има до 2030 година. (Фото: СДК.МК)

    Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“, кој е во сопственост на Орце Камчев, ја продава биогасната централа во битолското село Логоварди која пред три години при пуштањето во употреба беше најавена како енергетска оаза во срцето на Пелагонија. Продажбата е објавена на Македонска берза каде пишува дека ЗК „Пелагонија“ го продава својот 100 процентен удел во компанијата „Пелагонија Енерџи Дооел“ по номинална вредност од 413.913.100 денари (околу 6,7 милиони евра). Во 2016 година кога сопствениците во придружба на претставници од тогашната власт ја сечеа црвената лента беше кажано дека инвестирани се 20 милиони евра во централата која е врзан систем со современата фарма од каде набавува суровини за работа.

    Биогасната централа во Логоварди е најголема во земјава со инсталиран капацитет за производство на струја од три мегавати на час. Лиценца за производство на струја има до 2030 година, а електричната енергија која се смета за „зелена“ бидејќи е од обновливи извори и не загадува, може да ја продава по повластена цена од 180 евра за произведен мегават час електрична енергија.

    СДК.МК писмено се обрати до ЗК „Пелагонија“ барајќи одговор на прашањата зошто се презема ваков чекор со најголемата биогасна централа во земјава? Како и тоа доколку се продаде, новиот сопственик од каде ќе набавува суровина за работа, односно измет од животни, зашто централата во моментов е поврзана со краварската фарма каде има над 2000 молзни крави. Воедно, и што ќе се случи со фармата ако остане настрана од централата објавена за продажба? Засега нема одговор.

    Кога централата се пушташе во употреба во јануари 2016 година на свечената церемонија присутен беше и Орце Камчев, само што не даде изјава за медиумите. Дојден беше и министерот за земјоделство Михаил Цветков кој рече дека ова е редок пример на заокружен производен процес што му недостасуваше на македонското земјоделство. Гостин беше и тогашниот амбасадор на САД Џес Бејли бидејќи опремата за производство на електрична енергија беше набавена од „Џенерал Електрикс“ од САД, најпознат бренд за производство на генераторски агрегати во Америка.

    Вработени во ЗК „Пелагонија“ со кои денес разговаравме изненадени се од одлуката за продажба на биогасната централа. За тоа слушнале од медиумите. Велат дека централата солидно работи и дека е така проектирана да биде врзан дел од стопанството на ЗК Пелагонија, фармата и земјоделието. Објаснуваат дека централата го користи изметот од шталите, како и ферментирана пченка со чија преработка се добива метан, а на крај електрична енергија. Како нус производ излегува течно и тврдо органско ѓубриво кое се користи за прихрана на земјоделското земјиште во Комбинатот. Се добива и топлинска енергија со која менаџментот пред три години најавуваше дека ќе загрева современи стакленици во Пелагонија.

    Во централата работат неколкумина вработени, а во фармата ги има околу деведесет.

    Уште една ваква фарма ЗК „Пелагонија“ има изградено во битолското село Породин со капацитет од 3 мегаватчасови електрична енергија. Двете централи беше најавено дека ќе ја преродат Пелагонија и битолското стопанство.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари