УКРАДЕНИ 54 СООБРАЌАЈНИ ЗНАЦИ ВО ПРИЛЕПСКО, ОД „МАКЕДОНИЈА ПАТ“ ВЕЛАТ НИЕДЕН НЕ Е НАЈДЕН

    УКРАДЕНИ 54 СООБРАЌАЈНИ ЗНАЦИ ВО ПРИЛЕПСКО, ОД „МАКЕДОНИЈА ПАТ“ ВЕЛАТ НИЕДЕН НЕ Е НАЈДЕНСе верува дека знаците се крадат поради металите од кои се изработени (Фото: СДК.МК)

    Масовно исчезнуваат сообраќајните знаци од магистралните и регионалните патишта во Прилепско. Во последните четири месеци украдени се 54 знаци на патиштата Прилеп-Тополчани, Прилеп-Македонски Брод и Прилеп-Крушево.

    Дел од прилепчани се сомнeваат дека некои граѓани нашле начин како да ги избегнат казните при зачестените сообраќајни контроли на овие патни правци, па почнале да ги крадат и знаците. Иако мета на кражби се скоро сите сообраќајни знаци и табли, од „Македонија пат“ велат дека главно исчезнуваат оние за дозволено и забрането престигнување. Одговорните лица во претпријатието, сепак, сметаат дека се краде од лукративни причини поради металите од кои се изработени знаците.

    Директорот на „Македонија пат“, Костадин Ацевски, вели дека најмногу кражби на сообраќајни знаци на ниво на држава има во  прилепско-битолскиот регион.

    „Трпиме голема финансиска штета. Само што ќе ги поставиме, уште не се констатирани од надзорот, ги крадат. Се загрозува безбедноста во сообраќајот. Се крадат информативни табли, насочници, сè се краде. Ги заменуваме, но имаме проблем. Украдените не можеме да ги наплатиме, не се констатирани од надзорот, а треба нови да се постават“, вели Ацевски.

    Тој се сомнева дека кражбите се заради заработка. Знаците се примамливи поради материјалите од кои се изработени: бакар, алуминиум, железо, алуминиумски фолии и метални профили.

    Во полицијата во Прилеп е пријавено дека од октомври 2022 до почетокот на март годинава биле земени 17 знаци од магистралниот пат Прилеп-Тополчани, 26 од регионалниот пат Прилеп-Македонски Брод и 11 од регионалниот пат Прилеп-Крушево.

    Од прилепската подружница на „Македонија пат“ велат дека кражбите редовно ги пријавуваат во полиција, но досега не е најден ниеден украден знак.

    „Ние немаме право да претпоставуваме кој и зошто краде, тоа е работа на полицијата. И табли и сообраќајни знаци се крадат. Вкупно 54 од октомври наваму“, велат од „Македонија пат-Прилеп“.

    Од Битолската подружница откриваат дека, според нивните искуства, главно се крадат знаците за дозволено и забрането престигнување.

    „Која им е намерата, не знаеме. Но, доколку се работеше за старо железо би ги украле сите знаци, а не најчесто овие“, велат од подружницата.

    Проблем во овој дел од годината е и палењето на нивите и стрништата близу патиштата, па огнот ги оштетува и насочниците, односно столпчињата на банкините кои ја даваат насоката на движење особено во ноќно време.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира