ЗА ДА НЕ БИДЕ УКРАДЕНО, ЦРКОВНОТО ЅВОНО ВО „СВ. АТАНАСИЈ“ СЕ НОСИ И СЕ ВРАЌА НАЗАД ВО ТЕТОВО НА ПАТРОНИОТ ПРАЗНИК

    ЗА ДА НЕ БИДЕ УКРАДЕНО, ЦРКОВНОТО ЅВОНО ВО „СВ. АТАНАСИЈ“ СЕ НОСИ И СЕ ВРАЌА НАЗАД ВО ТЕТОВО НА ПАТРОНИОТ ПРАЗНИКЦрковниот одбор на „Св. Атанасиј“ со години го сели црковното ѕвоно за да не заврши во рацете на крадците. (Фото: СДК.МК)

    Секоја црква си има камбанарија со црковно ѕвоно, а единствено тетовската црква „Св. Атанасиј“, која се наоѓа на врвот на тетовското Кале, има мобилна камбанарија. Секогаш кога се одбележува некој црковен празник, црковното ѕвоно се носи во црквата, а кога ќе заврши прославата, тоа се враќа на безбедно место во Тетово. Црковниот одбор на „Св. Атанасиј“ ова го практикува со години за црковното ѕвоно да не биде украдено, бидејќи ова црковно светилиште во изминатиов период, посебно од 2001 па наваму, честопати било ограбувано и сквернавено.

    „На секое одбележување на празникот Св. Атанасиј, кој е патрон на црквата на Балтепе, црковното ѕвоно го носиме од Тетово и го поставуваме во камбанаријата, а кога ќе заврши црковната служба, го симнуваме и го враќаме назад во Тетово. Ова го правиме бидејќи не сме сигурни дека ако го оставиме во црквата некој нема до го украде. Порано, а и сега, кражбите во оваа црква ги има постојано. Ѕвоното е многу скапо, чини неколку илјади евра и навистина нема потреба да ризикуваме да биде украдено. Ова го правиме како превентивна мерка. Поради честите кражби, оштетување и скрнавење на објектот поставивме и видео надзор, но сепак и покрај ова не се осмелуваме црковното ѕвоно да го оставиме во манастирот“, велат од Тетовско-гостиварската епархија под чија надлежност е црквата.

    Манастирот е изграден врз остатоците на црковен објект кој датира од поред многу векови. (Фото: СДК.МК)

    Манастирот „Св. Атанасиј“ е изграден на врвот на Балтепе и се наоѓа во средината на тетовското Кале. Изграден е врз остатоците на црковен објект кој датира од поред многу векови, а првпат се споменува во еден пишан документ од 1321.

    Во текот на својата повеќевековна историја, манастирот три пати бил целосно разурнат и опустошен од  Турците, но бил повторно обновуван. Во 19. век, кога Абдураман паша почнал да го гради тетовското Кале, објектот кој тогаш постоел до темел бил разурнат. Неговата обнова започнува во 1917, кога на местото кај што лежел стариот храм на манастирот била подигната нова црква, поголема и поубава, а која била завршена во 1922. За време на воениот конфликт од 2001  и годините потоа, манастирот честопати беше ограбуван, сквернавен и оштетуван. Сега состојбата до некаде е подобрена, но црковното ѕвоно и понатаму од превентивни причини не се остава во манастирот.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира