За само еден час во Велес беа поделени околу две илјади табли јајца, кои бесплатно ги делеа волонтери. Тоа беше донација од велешани кои живеат и работат во САД, односно од компанијата „Шилер“, чија дејност е камионски превоз на стока. Во еден момент, поради големата метеж и безредието што се создадоа, мораше да интервенира и полицијата за да воведе ред и да спречи евентуално стампедо и повреди кај граѓаните.
„Целта ни е граѓаните да можат да ги почувствуваат радостите на Велигден. Дел од донацијата претходно ја поделивме на социјално загрозени семејства“, соопштија организаторите од компанијата „Шилер“.
Некои од присутните земаа и по две-три табли со објаснување дека ги земаат за болни роднини или за соседи кои не можеле да дојдат. Граѓаните добија табли со јајца кои на пазарот вредат 300 денари, а пред покачувањето, пред десетина дена, чинеа 200 денари. Покрај јајцата, тие добиваа и по една кесичка црвена боја. За најмладите беше организирана забава со кловн и цртање велигденски мотиви.
Ова е трета година како компанијата „Шилер“ во Велес бесплатно дели табли со јајца.
П. ПЕЧКОВ



