ЗА ОСУМ ДЕЦЕНИИ 569 ПРЕМИЕРИ И НАД 3,2 МИЛИОНИ ГЛЕДАЧИ, ПРОМОВИРАНА МОНОГРАФИЈАТА „80 ГОДИНИ НАРОДЕН ТЕАТАР БИТОЛА“

    ЗА ОСУМ ДЕЦЕНИИ 569 ПРЕМИЕРИ И НАД 3,2 МИЛИОНИ ГЛЕДАЧИ, ПРОМОВИРАНА МОНОГРАФИЈАТА „80 ГОДИНИ НАРОДЕН ТЕАТАР БИТОЛА“Авторот Иван Додовски на промоцијата рече дека растел со театарот (Фото; СДК.МК)

    Монографијата „80 години Народен театар Битола“ од проф. д-р Иван Додовски, промовирана денеска во Битола, содржи податоци дека од 1944 до 2024 година битолскиот театарски ансамбл одиграл 569 премиери и имал вкупно 11.670 изведби, кои ги гледале околу 3,2 милиони луѓе. На битолската сцена досега работеле 135 режисери, од кои 77 се македонски и гостувале 58 режисери од странство. Деценијата од 1985 до 1994 се нарекува златен период на Народниот театар. Апсолутен рекорд е поставен во 1992 година, кога имало 226 изведби за 84.645 гледачи.

    Монографијата е богато илустрирано издание со содржини и прилози за претстави, гостувања, награди, ангажирани режисери, актери, сценографи, костимографи и за сите други творци кои оставиле печат во осумдецениското траење на овој театар.

    Епохално дело на 310 страници на кои е содржана историјата на овој театар со посебен осврт на последните 20 години. За првпат имаме монографија во Македонија печатена во негатив, црни страници со бело писмо“, рече директорот Васко Мавровски.

    Авторот на монографијата Иван Додовски во своето обраќање на денешната промоција рече дека растел со театарот, гледајќи ги сите премиери, како помал дури и стуткан во публиката меѓу седиштата на мајка му и татко му, кој во 1970-тите бил директор на Народниот театар.

    Народите кои не ги слават културата и театарот осудени се да се симнат од историската сцена. Така е зашто културата е израз на нашите творечки енергии“, рече Додовски.

    Промотори беа проф. д-р Мишел Павловски и проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска.

    Се прашувам како е можно нешто да е толку големо, моќно, сеопфатно, а сепак да не е конкретна именка, да не е ни политика, а да менува ставови, мислења, да влијае врз емоциите… Театарот не го премолчува тоа што го мисли, не замолкнува дури и пред заканите на власта и не само што не ведне глава, туку на интелигентен начин го исмева тој чин на замолкнување“, рече Андоновска-Трајковска.

    Рецензенти се проф. д-р Сузана Киранџиска и проф. д-р Мишел Павловски, уредници се Билјана Крајчевска и Оливера Павловиќ, лектор е Жаклина Атанасова, а во прибирањето на податоците и во подготовката помогна поголем стручен тим од Театарот. Дизајнот на монографијата е на Сергеј Светозарев. Публикацијата содржи богата збирка фотографии од архивот на Народниот театар од Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира