ЗА ЗДРАВЈЕТО НА ОКОЛУ 80.000 ЖЕНИ ВО ТЕТОВСКИОТ РЕГИОН СЕ ГРИЖАТ САМО ДЕВЕТ ГИНЕКОЛОЗИ

    ЗА ЗДРАВЈЕТО НА ОКОЛУ 80.000 ЖЕНИ ВО ТЕТОВСКИОТ РЕГИОН СЕ ГРИЖАТ САМО ДЕВЕТ ГИНЕКОЛОЗИНи се случуваше да имаме и 70 пациенти дневно, па да мора да останеме на работа и после работното време, вели д-р Весна Серафимоска (Фото: СДК.МК)

    Во гинеколошката ординација на д-р Весна Серафимоска неколку жени трпеливо чекаат на ред за преглед или консултација со лекарот. Иако е речиси крај на работното време, ваквите гужви пред ординацијата се речиси секојдневни, но не само кај д-р Весна, туку и во сите други осум гинеколошки ординации во Тетовскиот регион.

    „Можам да кажам дека состојбата сега до некаде е и подобра за разлика од пред извесно време, кога не можевме глава да дигнеме од големиот број пациенти кои доаѓаа на преглед. Беше редовна состојба во мојата ординација да имаме и по 70 прегледи дневно. Тоа беше навистина тешко да се издржи. Но, откако Министерството одлучи секундарната здравствена заштита да може да прима пациенти како ургентни случаи, притисокот малку попушти. Сега работиме во нешто подобри услови, но еве се случува, како денеска, да имаме поголем број пациенти, па мора да останеме на работа и после работното време. Во мојата ординација имаме заведено околу 6.000 пациенти, иако капитацијата ни важи за 3.500. Ова, од друга страна, ни создава дополнителни трошоци во работењето, но, сепак, за нас е најважно да им дадеме квалитетна здравствена заштита на сите жени што ќе ја побараат од нас“, вели д-р Весна Серафимоска, матичен гинеколог од Тетово.

    Иако нема прецизни демографски податоци, според некои проценки, во Тетовскиот регион, заедно со околните рурални општини, има меѓу 70.000 и 80.000 жени. Нивната гинеколошка здравствена заштита е во рацете на само девет матични гинеколози.

    „Сега во Тетово има само пет матични гинеколози и уште четири работат во руралните општини. Еден период постоеше мораториум на специјализациите по гинекологија и тоа сега многу се одразува врз обемот на нашата работа. Таа повторно се воведе, па има 4-5 млади лекари од Тетово кои се специјализанти и се надевам дека некои од нив ќе станат и матични гинеколози“, надополнува Серафимовска.

    Состојбата со матичните лекари е нешто подобра, но иако ги има околу 150, и тука почнува да се чувствува недостаток на стручен кадар и медицински персонал. Д-р Беким Исмаили, специјалист по семејна медицина и претставник на матичните лекари од Тетово во Лекарската комора, вели дека масовното заминување на младите лекари во странство наскоро и во Тетовско може да создаде проблеми.

    „Дел од нив, главно помладите, заминуваат во странство барајќи подобри услови за работа и подобра заработувачка, дел од матичните лекари и од медицинскиот персонал преминуваат во секундарното или во терцијалното здравство, најчесто на клиниките во Скопје. Минатата и оваа година во пензија заминаа пет матични лекари, а наредната ќе заминат уште неколку. За овие испразнети места Министерството за здравство нема отворено концесија за нови ординации, но очекуваме наскоро да отпочне и овој процес. Според моите сознанија, има лекари кои сакаат да отворат свои приватни ординации и да работат како матични лекари. Наша среќа е што го имаме Медицинскиот факултет при Универзитетот во Тетово, па помалку се чувствува недостатокот од лекарски кадар и од медицински сестри“, вели Исмаили.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира