По долги години работа во информатичко-технолошкиот (ИТ) сектор и поддршка на стартапи, Моника Ризовска-Таневска, која се застапува за родова инклузивност во технологијата, увидела дека мал е бројот на жени од инженерските и технолошките професии на лидерски позиции.
„Не беше проблемот во недостаток на капацитет кај жените, туку во недостаток на видливост, поддршка, менторство и верба дека тие навистина припаѓаат таму. Она што го воочив е дека многу девојки се откажуваат уште во фаза на студии, или не се осмелуваат да аплицираат за повисоки позиции. Тогаш сфатив дека ако сакаме системска промена, мора да почнеме со градење заедница која ќе им биде безбеден простор – за учење, вмрежување и охрабрување“, вели Ризовска-Таневска.
Пред 15 години создала организација каде жените ја добиваат потребната поддршка, од едукации до менторства ширум светот, за го остварат потенцијалот без страв од предрасуди. Таа е директорка на „Жени во технологијата во Македонија“ (Women in Tech Маcedonia), која е дел од светската мрежа „Жени во технологијата“ (Women in Tech), која опфаќа над 100 земји и 88.500 членови.
„Бројките покажуваат дека девојките генерално имаат подобар успех на училиште, но во СТЕМ секторот (наука, технологија, инженерство и математика), нивната застапеност драстично опаѓа со текот на времето. Во Македонија, предизвиците се културни и системски – од стереотипи, до недостаток на родови модели, програми за менторство и практични можности“, вели Ризовска-Таневска.
Повеќе од членките споделиле искуства дека нивната стручност е доведена во прашање, особено кога се кандидатки за менаџерски позиции.
„Еден чест случај е сомневањето дека ќе заминат на породилно отсуство, па затоа не ја заслужуваат таа позиција, што е класичен пример на дискриминација заснована на пол“, вели Ризовска-Таневска.
Оваа организација, пружајќи им поддршка на жените во технологијата, денес брои над 5.000 активни членови од Македонија. Нивните едукативни настани и конференции ги посетиле над половина милион учеснички. Членството е бесплатно, а нуди можности за меѓународно менторство и едукација, поврзување со професионалци и компании ширум светот, со лидерки познати на глобално ниво, пристап до ексклузивни обуки, објави за работни позиции и технолошки трендови. Организацијата ги поврзува девојките со најголемите иновациски центри во светот, мешу кои и истражувачкиот центар на НАСА.
„Една од нашите омилени и највлијателни соработки беше токму со д-р Кирстен Џонсон, директорка за иновации и истражување, која работи како научничка и експертка за вселенска технологија во НАСА. Таа беше гостинка и менторка на еден од нашите хакатони и СТЕМ конференции. Со својот личен пример, таа покажа дека ништо не е недостижно – дури ни работата во НАСА. Девојките имаа можност да учат директно од неа и за првпат да се замислат себеси во таа улога“, вели Ризовска-Таневска.
Дел од нивните успешни примери е и ди-џејката и моторциклистка Дина Дамјановиќ, поранешна сопственичка на хостел која на 33 години влегла во светот на технологијата и денес е претприемничка, програмерка и креаторка на инклузивна дигитална платформа за поддршка на загрозени семејства.
„На жените ќе им кажам дека светот има потреба од нивните идеи, перспективи и решенија. Технологијата е достапна за сите и треба да служи како алатка за подобар свет. Ќе има предизвици, но секој чекор што ќе го направат е чекор понапред и пример за сите останати. Треба да сме храбри, гласни и доследни, затоа што иднината што ја создаваме не вклучува и нас“, вели Ризовска-Таневска.
Разговорот „Жените во енергетиката: од визија до акција“ беше направен во рамки на проектот на Преда Плус Фондација „Преглед од засегнатите страни за родовата еднаквост за АКТ инвестицискиот план“ (Stakeholder Review on Gender for the ACT Investment Plan), дел од програмата ВОЛКОТ (WOLCOT), реализиран со поддршка на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Фондот за климатски инвестиции (CIF).
Ж. ЗДРАВКОВСКА