Град Скопје и официјално ја стопираше изградбата на барокни фасади низ центарот на градот. Градоначалникот Петре Шилегов од самото негово доаѓање на функцијата најави дека фасадите од проектот Скопје 2014 кои почна да ги прави неговиот претходник Коце Трајановски нема да ги продолжи, дал усна наредба тие да се стопираат и дека парите ќе ги намени за енергетски ефикасни фасади во средните училишта и други еколошки проекти.
На денешната седницата на Советот на Град Скопје советниците го прифатија барањето на градоначалникот Шилегов за укинување на програмата за реконструкција и доградба на објекти во централното градско подрачје. Со оваа одлука стопирана е реконструкцијата во барок на сите објекти за кои ексградоначалникот Трајановски избра идејни решенија а не се почнати да се градат. Исто така стопирано е реновирањето во барок и на зградата на „Пелагонија“ која е почната да се реновира.
Градоначалникот Шилегов пред два месеци за САКАМДАКАЖАМ.МК кажа за оваа зграда ќе бара ново идејно решение со кое ќе го врати нејзиниот автентичен изглед. Наскоро ќе биде распишан тендер за избор на ново идејно решение, според кое ќе се доврши фасадата на зградата.
„Се овластува градоначалникот на Град Скопје правно да ги уреди односите со изработувачите на проектите за фасадите на објектите кои произлегуваат од програмата што се укинува и да преземе активности за финансиско обештетување на авторите, доколку истите не се откажат од тоа право, имајќи предвид дека тие проекти нема да се реализираат од страна на Град Скопје“, се вели во образложението на одлуката на градоначалникот Шилегов.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ гласаа против ваквата одлука. Тие го прашаа градоначалникот Шилегов колку пари ќе потроши Градот за да ги исплати авторите и како ќе ги догради оние објекти кои веќе се започнати.
Шилегов не кажа точно колку пари ќе чини обештетувањето но напомена дека тоа е многу помалку од милионските суми кои се трошеле само за една барокна фасада.
„Забавата заврши. Град Скопје повеќе нема да дава пари за барокни фасади од проектот Скопје 2014. Само за 6 фасади биле дадени 556.847.912 денари односно околу 9 милиони евра“, рече Шилегов.
А. АНТЕВСКА