15 граѓански организации и здруженија испратија писмо до премиерот Зоран Заев во кое бараат да се стави крај на урбанистичкото дивеење во Скопје и спасување на парцелата на паркингот кај „Холидеј ин“.
Граѓанските иницијативи го повикуваат Заев да покаже дека не го поддржува финалното уништување на главниот град со реализација на лоши планови и институциите на системот да ги стават граѓаните на прво место и да преземат конкретни чекори.
„Еден од многуте, но последен драстичен пример е Деталниот урбанистички план за градската четврт Ц08 Ново Маало 2 односно паркингот спроти хотел ‚Холидеј ин‘. Парцела за која Државната комисија за спречување корупција најави дека ќе истражува дали е незаконско окрупнувањето на земјиштето кај оваа локација и ќе се испитува дали се прекршени основните начела за заштита на животната средина со изградбата на предвидените висококатници. Овој ДУП беше ставен под мораториум, со стручно докажани бројни аргументи за прекршувања на параметрите од Генералниот урбанистички план на Град Скопје, но сепак Министерството за транспорт и врски дозволи продажба на државното земјиште по тој план. Со молчењето на Владата и покрај бројните реакции на јавноста се создава впечаток дека не се почитува интересот на граѓаните, ниту стручното мислење зошто овој ДУП не смее да се извршува“, се вели во писмото испратено до премиерот Заев.
Од таму сметаат дека оваа локација заслужува отворен архитектонски конкурс и максимално инклузивен процес во донесувањето на планот. Оваа градската четврт е последна поголема неизградена локација во центарот на градот и затоа мора да се искористи во име на граѓаните, а не во интерес на инвеститорите.
Тие бараат Владата да го поддржи мораториумот на Општина Центар за ревидирање на сите детални планови, кои со стручна анализа се докажани како неусогласени со ГУП-от, а со тоа погубни за центарот на Скопје. Министерството за транспорт и врски и Градот Скопје да дадат јавни изјави и да се обврзат дека нема да издадат согласности за ДУП-ови кои не се усогласени со ГУП, со Уставот, како и со законите. Дополнително бараат законито работење на инспекторатите за урбанизам и за градежништво, Државниот правобранител кој по функција треба да го штити државниот имот и сите оние кои досега ги одобрувале планови спротивно на ГУП и интересот на граѓаните.
„Во исто време бараме да се спречат опструкциите за изработка на поквалитетни планови, кои доаѓаат од изработувачите на плановите кои одбиваат да постапат согласно стручните барања. Тоа се истите изработувачи на планските решенија за катастрофалниот проект Скопје 2014, кои и денес ја загрозуваат ефикасноста на целиот процес за квалитативно подобрување на ДУП-те“, се вели во писмото до Заев.
Парцелата кај „Холидеј ин“ Министерството за транспорт и врски ја продаде на фирмата „МГ Фешн“ и Обновители. Тие откако откупија 30 отсто од парцелата од физички лица, побараа дооформување на парцелата, по што Министерството државното земјиште од 9.048 квадратни метри им го продаде по 312 евра по квадрат.
Според постојниот план кој беше донесен во времето на претходната власт, а кој сега е под мораториум на овој простор се предвидува изградба на висококатници, со висина и до 60 ката.
Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ на 18 ноември лани за САКАМДАКАЖАМ.МК кажа дека во моментов на овој простор не може да се гради, односно дека немаат издадено градежна дозвола, бидејќи и овој ДУП е под мораториум. Откако ќе се донесе новиот ревидиран план на овој простор ќе има згради, но Богдановиќ вели дека уште не знае колку објекти ќе има и колкава ќе биде нивната висина, бидејќи планот уште се изготвува.
„Тој план се работи, 60-катници таму нема да има. Таму има имот во приватна сопственост, дел од луѓето имаат куќи и не можат да си го реализираат прашањето, оти долги години не е донесен планот. Мое мислење е дека треба да се даде развој на тоа место, но нормален и контролиран, не 60-катници. Да биде нешто нормално, да не бидат четири или пет згради, да бидат две или три. Да се почитуваат правилата според новиот Закон за потреба од зеленило“, рече Богдановиќ.
А. АНТЕВСКА