Итна измена на законската регулатива со што ќе се забрани склучување брачни заедници на млади момчиња и девојки, пред да наполнат 18 години, побара невладината организација „РОМА С.О.С.“ од Прилеп, на денешната јавна дебата во присуство на претставници на многу државни институции. Малолетничките или попознати како „детски“ бракови, треба итно да бидат стопирани во заедницата, но без измени на законите, без таква законска база, тешко би се реализирал овој процес и би се постигнал каков и да било напредок во оваа сфера.
Според поранешната пратеничка Цветанка Иванова, правен консултант на „РОМА С.О.С.“ за овој проект, неопходна е измена на три закони: Законот за семејство, Кривичниот законик и Законот за средно образование.
„Говорејќи на оваа тема и залагајќи се за изнаоѓање и усвојување и на законски решенија, ние денеска всушност ја пишуваме историја. Од 5% сиромашни во Македонија, 25% се граѓан(к)и од ромска националност. Иако има законски рамка во државата, сепак сѐ уште и доволно не е заштитено детето. И лице коешто наполнило 16, а не18 години може да склучи брак. Ова секако врз основа на претходно одобрување од социјалните работници, за тоа дали лицето психички и физички е способно да стапи во брак. Практично, секој оној кој поднел барање за склучување брак пред 18 години, добил и одобрение. Исклучокот во Македонија станал правило, а ние тоа треба да го смениме. Особено да не ги дозволиме малолетничките или ако сакате детски бракови. Во државата вонбрачната е изедначена со брачната заедница. Државата ги затвора очите, не ги препознава, а овие бракови ги има. И кога ќе го покренеме прашањето дали треба нешто да се направи за овие заедници, доаѓаме до одговорот дека тоа е традиција кај Ромите, дека децата се сакаат, зошто да ги разделуваме…“, рече Иванова.
Според Лилјана Илиевска, заменик Народен правобранител во битолската канцеларија, неопходни се заштитните мерки за справување со ваквите случаи на малолетнички или т.н. детски бракови.
„Во текот на 19 години постоење на канцеларијата на Народниот правобранител, па до денеска не е поднесена ниту една претставка за склучени малолнички бракови. Поднесени се само одредени претставки до канцеларијата во Скопје и Битола, додека во другите подрачни канцеларии во Македонија, нема никакви реакции од граѓан(к)ите, родителите … во насока на спречување на овие бракови. Народниот правобранител повикува на преиспитување на постапката и го поставува прашањето: Дали малолетното лице станува полнолетно со тоа што стапува во брак? Дали постапката е доволно транспарентна, дали се врши од страна на професионални карди кои треба да оценат дали лицето психо-физичко е подготвено да ги носи одговорностите? Дали е неопходно во нашиот правен систем, лице од 16 години да стапи во брак или да се брише оваа законска можност и да се воведе границата од 18 години?“, посочи Илиевска од битолската канцеларија на Народниот бранител.
Според Несиме Салиоска, извршна директорка на граѓанското здружение „РОМА С.О.С.“ од Прилеп, досега се реализирани јавни дебати во 5 општини во Македонија: Ѓорче Петров, Шуто Оризари, Куманово, Штип и Битола. Јавноста е доволно сензибилизирана, но и држаните институции. Така што, Државниот совет за превенција на детско престапништво покренал Иницијативата за измена на законската регулатива, на Кривичниот законик член 197, до Министерството за правда.
„Преку 50 детски бракови се евидентирани само минатата година во општина Прилеп. Родителите реагираа во нашата канцеларија, зашто нивните деца побегнале до домовите, а МВР нив ги извести дека тие не можат да преземат ништо конкретно во вакви случаи. За да може и државните институции да преземат конкретни мерки, неопходна е измена на законската регулатива, во насока на заштита на децата во оваа држава. Малолетничките бракови не се присутни само во ромската заедница, туку и во другите заедници во државата. Затоа измената ќе биде општо добро за сите деца, во насока на создавање подобри услови за живот на децата“, порача Салиоска.
РОМА С.О.С. проектот го реализира во текот на две години.