Два полуподземни контејнери во Струмица се целосно оштетени и се вон функција откако бил подметнат пожар во нив. Вкупно шест контејнери на различни локации биле мета на опожарување од кои кај два е оштетена внатрешната платнена церада каде се собира отпадот и одговорните од струмички „Комуналец“ беа принудени целосно да ги затворат.
Раководителот за чистота Бранко Ѓеоргиев вели смета оти станува збор за однапред осмислено сценарио на еден или повеќе личности оти опожарени се шест контејнери на четири локации.
„Очигледно е дека се работи за осмислена акција која не носи добро на граѓаните на Струмица, ниту за Општината ниту за Комуналец, бидејќи се трошат народни пари. Преку зимата кога имавме греење и граѓаните фрлаа пепел не се случи тоа, а сега преку летото да има пожар во нив. Случајот е пријавен во МВР. Штетата е огромна. Апелирам до граѓаните да ги чуват овие контејнери кои преставуваат најдобар модел за собирање отпад, кои не шират непријатен мирис, нема исцедок на течности, расфрлан шут и собирање животни околу нив“, вели Ѓеоргиев.
Лани во Струмица беа поставени 20 полуподземни контејнери чииј капацитет изнесува 5 кубни метри. Поставени се на локации со повеќе колективни станбени единици. За нивна набавка, Општината потроши околу 158.000 евра, а мораше да набавува и специјално возило за подигање на сметот од овие контејнери.
Општина Струмица во моментов има распишано тендер за набавка на уште седум полуподземни контејнери. Јавната набавка трае до 25 јули, по што ќе се знае од која фирма ќе бидат набавени новите садови со капацитет од пет кубни метри.
В. ТРАЈКОВ