Од Националниот парк „Шар Планина“ велат дека деновиве пронашле и одзеле дрва кои незаконски биле исечени. Акцијата се водела во координација на Ренџерската служба на Националниот парк и Шумската полиција, а бесправно исечени букови дрвjа биле откриени над селото Селце во реонот на паркот.
„Локацијата е од предел кој низ годините често бил зафатен од пожари, но потсетуваме дека и за опожарените површини важат истите законски правила. Според Законот за шуми, сечата и транспортот на дрвна маса се дозволени само со соодветно одобрение. Против непознатиот сторител е поднесена пријава, а институциите ги преземаат сите потребни мерки“, соопштуваат од НП „Шар Планина“.
Од паркот исто така посочуваат дека сечата на дрвја без стручна проценка е сериозен ризик, не само за шумата, туку и за луѓето.
„Маркирањето од страна на шумарски стручњаци е неопходно зашто така се чува шумскиот екосистем. Стручните лица знаат кои дрвја се стари и болни или ако популацијата на дрвја е многу густа. На тој начин се врши природно обновување на шумата, се добиваат повеќе светлина и простор за млади дрвја и се спречува ширење на болести и штетници. Исто така, многу важна е и превенција од ерозија и поплави, кои можат да настанат ако се сечат дрвја без стручно мислење. Секако, многу е важна и заштитата на биодиверзитетот, бидејќи некои дрвја се живеалиште за ретки видови птици, инсекти или габи. Стручните лица знаат да ги идентификуваат и да избегнат нивно уништување“, велат од НП „Шар Планина“.
З. АНДОНОВ