ЗАПОЧНА ПРЕСЕЛБАТА НА ТЕТОВСКАТА БИБЛИОТЕКА ВО НОВИТЕ ПРОСТОРИИ, ВО ДОСЕГАШНИТЕ ЌЕ СЕ ВСЕЛИ ДЕЛЕГАЦИЈАТА НА ЕУ

    ЗАПОЧНА ПРЕСЕЛБАТА НА ТЕТОВСКАТА БИБЛИОТЕКА ВО НОВИТЕ ПРОСТОРИИ, ВО ДОСЕГАШНИТЕ ЌЕ СЕ ВСЕЛИ ДЕЛЕГАЦИЈАТА НА ЕУНад 80.000 книги ќе се префрлат во други простории, каде што нема да има место за сите на полиците (Фото: СДК.МК)

    Кутии со книги кои со колички се носат од едно на друго место, мајстори кои ги адаптираат полиците, библиотекари кои баз застој работат во новиот простор да ги средат бројните книги според библиотечната номенклатура. Ова е моменталната слика во националната установа Градска библиотека „Кочо Рацин“ во Тетово.

    Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска не попушти, а таква одлука донесе и Владата, па тетовската библиотека мора да се исели од постоечките простории за да може таму да се отвори канцеларија на Делегацијата на Европската Унија. Сега треба над 80.000 книги да се префрлат во други простории, кои исто така се наоѓаат во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“, но дел од книжниот фонд ќе биде недостапен за читателите бидејќи поради помалиот простор тие не ќе можат да бидат на полиците на библиотеката, туку ќе бидат ставени во кутии и сместени во други простории. Во меѓувреме, министерката ја смени досегашната директорка на Градската библиотека, која во изминативе месеци се спротивставуваше на преселбата, па сега е назначен в. д. директор.

    „Преселбата на библиотеката започна минатата недела, првин го преселуваме детскиот фонд, а од денеска, библиотеката е целосно затворена бидејќи започнавме со преселувањето и на фондот за возрасни. Се надеваме дека за две недели ќе успееме да ја реализираме преселбата. Со преселбата во овие простории околу 20 проценти од книжниот фонд ќе биде недостапен за читателите, но имаме добиено известување од Министерството за култура дека во постапка е донесување одлука за доделување дополнителен простор, исто така во Центарот за култура, каде што би се сместил преостанатиот дел од книжниот фонд. Во овој период додека трае преселбата, библиотеката нема да работи, а на читателите кои треба да вратат книги во тој период нема да им наплатуваме казни“, изјави в. д. директорката на Градската библиотека, Елизабета Трпческа-Петрушеска.

    Библиотеката во досегашните простории работеше од 2002, а се предвидува да биде сместена во новата зграда на театарот во Тетово, која се гради повеќе од шест години и која, според најавите од Министерството за култура, нема да боде готова пред 2027 година.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира