ЗАПОЧНА СО РАБОТА РЕГИОНАЛНИОТ СТАЦИОНАР ЗА УЛИЧНИ КУЧИЊА ВО КАВАДАРЦИ

    ЗАПОЧНА СО РАБОТА РЕГИОНАЛНИОТ СТАЦИОНАР ЗА УЛИЧНИ КУЧИЊА ВО КАВАДАРЦИСтационарот е наменет за бездомните животни од Велес, Градско, Демир Капија, Кавадарци, Лозово, Неготино, Росоман, Свети Николе и Чашка. (Фото: СДК.МК)

    На почетокот на месецов започна со работа регионалниот стационар „Шепа“ кој е наменет за хуман третман на бездомни кучиња, лоциран во селото Глишиќ, Кавадарци. Тој функционира по системот залови, третирај и пушти. Може да згрижи 67 бездомни животни. Со овој стационар, преку воспоставен систем за контрола на популацијата на бездомни кучиња согласно законските прописи, ќе се обезбеди нивни хуман третман, што ќе има директно влијание и врз здравјето и безбедноста на луѓето.

    „Стационарот има и ветеринарна клиника за прием, преглед, кастрација, чипирање, лекување и понатамошно социјализирање на домашните миленици или бездомните животни. Проектот е многу важен оти опфаќа девет општини“, кажа Митко Јанчев, градоначалникот на Кавадарци, на отворањето на стационарот.

    Регионалниот центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство е на површина од 5.470 квадратни метри и е наменет за бездомните животни од деветте општини од Вардарскиот плански регион, Велес, Градско, Демир Капија, Кавадарци, Лозово, Неготино, Росоман, Свети Николе и Чашка. Секоја општина обезбедува дополнителни средства за тековно работење на центарот.

    „Со градење на вакви центри, граѓаните не треба да очекуваат дека од утре нема да има кучиња на улиците, туку дека тие кучиња ќе бидат кастрирани, прегледани, вакцинирани и чипирани. Неговата цел е неконтролираното разможување да биде во контрола. Така во текот на наредните години ќе немаме кучиња или мачиња бездомници“, рече Јанчев.

    Вкупниот буџет на проектот е 21 милион денари, при што 11,5 милиони денари за изградба на стационарот ги обезбеди Министерството за локална самоуправа, а 9,5 милиони денари се финансиска поддршка од Швајцарската амбасада. Неговата реализација започна во април 2023.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира