По две одложувања започна главната расправа за злоупотреби при изградбата на новата зграда на театарот и библиотеката во Тетово. На обвинителната клупа се најдоа Сејди Шашивари, сопственик и управител на правното лице од Тетово „Урбан план констракшн“, самото правно лице, Хаки Фазлиу, тогашен директор на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ од Тетово, Артан Арслани, претседател на Комисијата за јавни набавки и потоа в. д. директор на Центарот за култура и Бајрам Муча како главен надзорен инженер во правното лице ангажирано како надзорен орган при спроведувањето на договорот за јавна набавка од 2015 до 2020 година.
Според обвинителниот акт, Шашивари како првообвинет и правното лице како второобвинето се товарат за кривичното дело Злоупотреби во постапката за јавни набавки, Фазлиу и Арслани се товарат за Злоупотреба на службената положба и овластување, а Муча за Несовесно работење.
На прашањето од судијата Елведин Ферати дали обвинетите го разбрале обвинителниот акт, сите се изјаснија потврдно, освен Шашивари, кој првин изјави „немам поим“, а потоа кажа дека го разбрал, но тоа што стоело во обвинението немало врска со него. На прашањето на судијата дали обвинетите се чувствуваат виновни за тоа за што се обвинети, сите одговорија дека не се чувствуваат виновни.
По ова се премина на читање на листата на докази подготвени од Обвинителството. Со оглед на тоа дека и Обвинителството и одбраната предложија повикување на вешти лица, главната расправа беше прекината, а за наредното рочиште беше договорено сослушување на вештите лица предложени од Обвинителството.
Судијата Ферати го закажа наредното рочиште за 10 декември и одреди уште две рочишта, за 30 декември и за 20 јануари.
З. АНДОНОВ



