Од Општина Тетово објавија дека започна рушењето на Средното текстилно училиште „Ѓоце Стојчевски“, едно од најстарите средни училишта во градот. Старото училиште ќе се руши до темел, а на негово место треба да се изгради нов, современ училиштен објект.
Средствата за изградба на училиштето се обезбедени од првиот повик од унгарскиот кредит кој преку Владата им беше одобрен на општините.
„Со уривањето на стариот објект се отвора патот за изградба на нова, модерна и величествена зграда, која ќе се гради од темел – со современи стандарди, функционални простории и напредна технологија“, соопшти Општина Тетово.
Во периодот додека се гради училиштето учениците наставата ќе ја посетуваат во средното училиште „7 Септември“.
Изградбата на училиштето требаше да започне многу порано, но како што изјави градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами, имало проблеми со тендерот за изградба кој неколку пати бил оспоруван од фирми што конкурирале на него.
Со првиот повик од унгарскиот кредит на Општина Тетово и беа одобрени три проекти: изградба на водоводна мрежа во населбата Вонвардарска, реконструкција на дел од главниот цевковод со кој Тетово се снабдува со вода за пиење и за изградба на нов објект на средното текстилно училиште.
З. АНДОНОВ