ЗАТВОРЕН ЗА СООБРАЌАЈ МОСТOT НА БРЕГАЛНИЦА КАЈ СЕЛОТО ДОЛНИ БАЛВАН ОШТЕТЕН ОД НАДОЈДЕНАТА РЕКА

    ЗАТВОРЕН ЗА СООБРАЌАЈ МОСТOT НА БРЕГАЛНИЦА КАЈ СЕЛОТО ДОЛНИ БАЛВАН ОШТЕТЕН ОД НАДОЈДЕНАТА РЕКАОд денеска забранет сообраќајот по мостот кај селото Долни Балван. (Фото: СДК.МК)

    Над 20.000 жители од селата Таринци, Караорман, Радање, Аргулица, Козјак и дел од приградските населби на Штип кои се од левата страна од горниот тек на реката Брегалница, за да се приклучат на магистралниот пат за Пробиштип, Кочани и другите градови кон Делчевско и Беровско ќе мора да користат други премини и мостови, откако е оштетен мостот кај селото Долни Балван. Мостот од денеска е затворен за сообраќај оти попуштија главните носачи поради тешките наноси од дрвја и слично од надојдената река, за време поројните дождови изминатата недела кога имаше поплави во цела Источна Македонија.

    Други премини и мостови единствено има во Штип за сите видови моторни возила и кај кочанските села Борилчево, Мојанци, Зрновци, по чии мостови можат да минат само лесни моторни возила.

    Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов пред неколку дена најави дека од превентивни и безбедносни причини побарал експерти и надлежни служби да ја испитаат состојбата и носивоста на мостот, надлежните институции да ги преземат потребните мерки. Поладнево, по забраната за сообраќај на овој мошне фрекфентен и важен мост за жителите од овој крај, граѓаните од Општина Карабинци реагираат дека сега најкратка варијатна за да одат за Пробиштип, Кочани и соседните источни градови е да ја поминат Брегалница преку мостовите во Штип, а најблизок им е новиот мост што се пушти во употреба пред две години. Но, ваквото заобиколување, како што велат тие, ќе ги чине повеќе гориво, а и и време затоа што ќе мора да возат плус од 20 до 50 километри само во еден правец.

    „Ја разбираме опасноста што може да ја предизвика мостот и превентивната мерка мостот да не се користи за сообраќај, па затоа бараме надлежните служби што побрзо да го санираат оштетениот мост за да не ни се зголемуваат транспортните трошоци и да не губиме време. Имавме голем транспорт на производи за селото Аргулица и планинарските домови на планината Плачковица, па сега ќе мора од Долни Балван да продолжиме по магистралниот пат за Штип, па да се враќаме од Штип кон селото Карбинци од другата страна на реката Бегалница и да поминеме плус 30 километри за да стигнеме до нашите дестинации и за назад уште толку, така што трошокот и времето ептен се зголемува“, вели возач на камион од Пробиштип кој требало да оди за селото Аргулица.

    Од Општина Карбинци соопштија дека тие ги остраниле тешките наноси од дрвја и гранки во надојдената река, ги известиле сите надлежни државни служби и институции и се надеваат дека до крајот на годината или во почетокот на јануари на мостот ќе се санираат оштетувањата и повторно ќе биде даден во употреба.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира