ЗАВРШИ ГАСИФИКАЦИЈАТА НА КУМАНОВСКАТА БОЛНИЦА

    ЗАВРШИ ГАСИФИКАЦИЈАТА НА КУМАНОВСКАТА БОЛНИЦАОпштата болница беше најголем загадувач на воздухот оти се грееше на нафта и мазут. (Фото: СДК.МК)

    Заврши гасификацијата на Општата болница во Куманово. Директорот на ЈП „Куманово- гас“ Никола Денковски објави дека во тек е пробна работа на системот, по што и официјално ќе започне затоплувањето на природен гас. Во изминатите години, како најголем загадувач на воздухот во Куманово беше посочувана токму Општата болница, бидејќи за затоплување користеше нафта и мазут.

    „Проектот за изградба на комплетно нова дистрибутивна гасоводна мрежа, нова гасна котлара, поставување гасна опрема и изградба на приклучна делница од дистрибутивната гасоводна мрежа, целосно е завршен. Во тек е пробна работа во која сите финални подесувања и интервенции ќе бидат извршени, по што и официјално Општата болница целосно ќе се затоплува на природен гас“, вели Денковски.

    Дека завршиле работите на инсталирање на систем за затоплување на гас во болницата, соопшти и министерот за здравство Венко Филипче.

    „Заврши гасификацијата на Општа болница Куманово, оваа здравствена установа целосно ќе се загрева со природен гас. За неполни две години, ова е втора гасификација на јавна здравствена установа“, објави Филипче.

    Болницата годишно за греење троши околу 50.000 евра, бидејќи се затоплува површина од 4.500 метри квадратни во повеќе објекти, па инвестицијата ќе се врати за кратко време, посочуваа наддлежните од болницата.

    Поради проблемите на стариот систем и котлите, голем дел од топлинската енергија останува неискористена, па просториите се догреваат на греалки или клима уреди, што создава дополнителни трошоци струја. Речиси секоја зима пациентите се жалат на ладни радијатори, а надлежните тврдат дека греењето работи.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира