ЗАВРШИ КОНЗЕРВАЦИЈАТА НА ГЛЕДАЛИШТЕТО НА РИМСКИОТ ТЕАТАР ВО СТОБИ, ВГОДИНА ЌЕ МОЖЕ ДА ПРИМИ ПУБЛИКА

    ЗАВРШИ КОНЗЕРВАЦИЈАТА НА ГЛЕДАЛИШТЕТО НА РИМСКИОТ ТЕАТАР ВО СТОБИ, ВГОДИНА ЌЕ МОЖЕ ДА ПРИМИ ПУБЛИКА) На исчистените мермерни седишта сега се читаат и имињата изгравирани од фамилиите кои имале обезбедено место во театарот. (Фото: СДК.МК)

    Завршена е претпоследната фаза од конзерваторско-реставраторските зафати на Римскиот театар во Стоби. Со тоа се отвора можноста веќе следната година во театарот да се одржи Фестивалот на античка драма „Стоби“, но и други настани.

    Пролетта се реализираше проектот за конзервација, реставрација и реконструкција и археолошки доистражувања на Римскиот театар, финансиски поддржан со годишната програма на Министерството за култура.

    „Во текот на април, мај и дел од јуни, се спроведоа обемни активности за чистење, стабилизација и реконструкција на мермерните елементи, сѐ со цел театарот повторно да заживее како простор за јавни настани. Беше предвидено овој проект да се реализира во период од неколку години. Годинава добивме можност да го реализираме целосно во една година. Се изврши конзервација на сите сочувани мермерни елементи од гледалиштето на театарот. Седиштата беа пропаднати, не беа безбедни за публиката“, кажа Марјана Филова, конзерваторка во Националната установа (НУ) „Стоби“.

    Досега се санирани евидентираните недостатоци за да може да се стави театарот повторно во функција. Во еден дел се отстранети  мермерните блокови на кои треба да се извршат одредени археолошки истражувања и во септември да се вратат назад во гледалиштето. Со тоа, комплетно ќе се заврши конзервацијата и реставрацијата на овој дел од театарот.

    Извршено е чистење на мермерните блокови, кои сега се бели. Нечистотијата е резултат на близината на автопатот и интензитетот на сообраќајот по него, како и издувните гасови кои ги емитуваат возилата. Мермерните седишта биле прекриени со дебела наслага од нечистотија.

    „Годинава ги исчистивме и посетителите можат да видат разлика, како изгледал театарот, колку бил убав. Се распознаваат различни бои на мермер, кој бил носен тука при изградбата од близина, од Прилепско. Се читаат и имињата изгравирани на седиштата од фамилиите кои имале обезбедени седишта во театарот. Тие сега се почитливи и повидиливи. Целиот театар е стабилизиран“, рече Филова.

    Од десната страна на гледалиштето на театарот ги нема седиштата. Од „Стоби“ велат дека ако еден ден добијат повеќе пари би поставиле нови мермерни седишта, оти постојните се со конзервирана структура.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира