ЗДРУЖЕНИЕ ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНИ ОБВИНУВА ДЕКА КУЧИЊАТА СКИТНИЦИ ВО ТЕТОВО СЕ УБИВААТ МЕСТО ДА СЕ ЗГРИЖУВААТ

    ЗДРУЖЕНИЕ ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНИ ОБВИНУВА ДЕКА КУЧИЊАТА СКИТНИЦИ ВО ТЕТОВО СЕ УБИВААТ МЕСТО ДА СЕ ЗГРИЖУВААТСпоред некои сознанија, по улиците во Тетово талкаат над 500 кучиња скитници (Фото: СДК.МК)

    При крајот на јули, здружението за заштита на животни АМОС од Скопје започна со заловување агресивни кучиња во Тетово откако го доби тендерот од општината. Овие кучиња, кои се движат во глутници, се заловуваат така што се застрелуваат од специјална пушка со опијат. Откако на ваков начин биле заловени дваесетина кучиња скитници се огласи здружението за заштита на животни „Хепи шелтер“ од Скопје, кое го обвинува АМОС дека нехумано постапува со животните. Оттаму велат дека АМОС е целосно нетранспарентно за својата работа и дека заловувањето се врши на недозволен начин.

    Едноставно, сакаме да знаеме како е заловено тоа куче? Дали е заловено со пушка и дали тие лица кои ја употребиле пушката имаат дозвола за нејзина употреба и за заловување кучиња? Со какви средства се успиени кучињата? Каде АМОС има карантин или прифатилишта за кучиња?“, прашува Кемал Незири од „Хепи шелтер“.

    Покрај ова, од „Хепи шелтер“ обвинуваат дека АМОС врши тортура врз кучињата, па дури и дека тие се убиваат.

    Нас не нè интересира тендерот кој го добила оваа фирма, туку судбината на заловените животни и како се третираат. Се сомневам дека сите кучиња што досега се заловени од нивна страна веќе не постојат. Тие се убиени со пушка, па бараме да ни се каже кој го направил тоа“, обвинува Незири.

    Од АМОС целосно ги отфрлаат овие обвиненија и велат дека работат по сите стандарди за третман на кучиња скитници. Посочуваат дека се лиценцирана организација за вдомување животни, имале подружница и во Велика Британија и дека во нивната повеќегодишна активност вдомиле над 600 животни, а кадарот кој работи кај нив е високостручен.

    Бездомните кучиња се заловуваат на неколку начини. Пушката се користи при големи глутници и од овластено лице, ветеринар, кој поседува дозвола за истата, а седативот што притоа се користи се вика ‘xylazine‘. Кучињата се згрижуваат од наши волонтери, а во некои случаи се ставаат во пансиони, во зависност од состојбата на кучето. Ние воведуваме нова програма за справување со проблемот на бездомни кучиња, односно кучињата што ги фаќаме не се враќаат на улица, туку им се става микрочип и остануваат кај нас сè додека не им најдеме соодветен дом. Досега во Тетово се заловени 28 кучиња скитници, од кои три се пратени и вдомени во Британија. Финалниот извештај за сработеното ќе биде испратен до Општина Тетово“, соопштуваат од АМОС.

    Во јули оваа година, Општина Тетово потпишала договор со АМОС за заловување кучиња скитници во градот. Договорот има рок од 12 месеци и изнесува 1.271.186 денари. Предвидува да бидат заловени, третирани, згрижени и вдомени 82 кучиња, што значи дека третманот на едно куче изнесува 15.500 денари.

    Според сознанијата на здруженијата за заштита на животни, по улиците во Тетово талкаат над 500 кучиња скитници.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира