„ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД“ ЌЕ ФОРМИРА ПАРТИЈА ОТИ ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА ЗДРУЖЕНО ЗАБРАНИЈА ГРАЃАНСКИТЕ ИНИЦИЈАТИВИ ДА УЧЕСТВУВААТ НА ИЗБОРИ

    „ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД“ ЌЕ ФОРМИРА ПАРТИЈА ОТИ ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА ЗДРУЖЕНО ЗАБРАНИЈА ГРАЃАНСКИТЕ ИНИЦИЈАТИВИ ДА УЧЕСТВУВААТ НА ИЗБОРИОвој чекор од „Зелен хуман град“ го прават бидејќи власта и опозицијата здружено донесоа измени на Изборниот законик со кој се зголемува прагот на потребни потписи за нивно учество на изборите; -Советникот во Град Скопје Горјан Јовановски. (Фото: СДК.МК)

    Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ ќе формира партија бидејќи тоа е единствен начин независните да учествуваат на претстојните локални избори.

    Овој чекор од „Зелен хуман град“ го прават бидејќи големите партии од власта и опозицијата лани здружено донесоа измени на Изборниот законик со кој се зголемува прагот на потребни потписи за нивно учество на изборите. Ова законски решение во март годинава го укина Уставниот суд, но оттогаш не е донесено ново решение, партиите избегнуваат да зборуваат за ова прашање, па се става под знак прашање учеството на граѓанските иницијативи на изборите.

    „Зелен хуман град“ (ЗХГ) е единствената советничка група во Советот на Град Скопје зад која не стојат политички партии туку 23 граѓански организации, а има два советника, Драгана Велковска и Горјан Јовановски.

    „Дали сакаме партија? Не, воопшто. Но, уште помалку сакаме сега да се повлечеме, кога партиите се обидуваат насилно и на секој начин да нè спречат. Мора да ја продолжиме битката зад која застанаа 10.000 скопјани на последните локални избори. Имаме алтернатива? Не, во моментов законски може или да се формира партија или да кренеме бело знаменце. А кревање бело знаменце е суштинска спротивност на нашето постоење, граѓанската борбеност и сè останато што ние претставуваме“, велат од „Зелен хуман град“ и гои повикаа граѓаните за поддршка.

    За формирање партија потребни се 1.000 потписи.

    Претседателот на Собранието Африм Гаши на новинарско прашање вчера на брифинг во неговиот кабинет, кажа дека ова прашање ќе мора да се реши, но ни самиот не знае како и кога би се смилувале парламентарните партии да го донесат законот.

    Вели дека ова прашање виси и ако не се реши до одморите, ќе мора веднаш во деновите по феријата.

    „Уставниот суд кажа да се донесе нов Изборен законик откако во март ги укина членовите со кои на независните кандидати им беа потребни зголемен број потписи за да се кандидираат на избори, но еве сега и на крајот на јули не се исполнети условите за да се донесат новите норми. Имаше согласност од големите партии, а се противеа ДУИ и Левица. Ако не го изгласаме до крајот на месецов, не знам што ќе се прави, но сме збореле на координации на пратеничките групи дека Изборниот законик е прашање кое мораме да го решиме. Ќе го донесеме по одморите“, се надева собранискиот спикер.

    На локалните избори 2021, независни кандидати добија место во дури 33 општини или 41% од сите општини во Македонија и Град Скопје и со освоени над 56.000 гласови беа чеврта политичка сила во земјава.

    Девет граѓански иницијативи цела година водат битка со институциите откако власта и опозицијата лани донесоа измени на Изборниот законик со кој го зголемија прагот на потребни потписи за учество на независните на избори. Граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Зелен хуман град“, „Независни за Карпош“, „Поинаку“ од Битола, „Зелените“ од Гази Баба, „Подобро за Тетово“ и „Стига е“ од Струмица, Ново Село и Босилово бараат да се постави услов од 20 до 100 собрани потписи и 200 собрани потписи за Град Скопје за независни листи на кандидати по пример на бројните европски држави. Исто така се бара да се дозволи собирање потписи на терен и надвор од канцелариите на ДИК, како во европските земји, да се зголеми периодот на собирање потписи на 30 дена, да се дозволи името на советничките независни листи да биде во целост наведено на избирачкото ливче, а не како досега само името на носителот, да се обезбеди еднаквост меѓу сите политички чинители во утврдувањето на редоследот на единствената листа на кандидати за избор на претседател, пратеници, членови на совет, односно градоначалник, со ждрепка, да се промени одредбата за пристап до медиумскиот простор и финансирањето на изборната кампања.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира