Кај помошното пристаниште во Охрид и на охридските плажи на источниот дел од крајбрежјето деновиве се појавија големи колонии на зелени алги, таканаречена кладофора. Ја има во крајбрежниот појас за која биолозите велат дека не претставува опасност за живиот свет во езерото и за луѓето.
„Во овој период од годината оваа алга редовно се појавува во водите на Охридското Езеро. Ја има во плитките појаси, веднаш до брегот. Ѝ погодуваат високите температури во воздухот и водата што е сега случај. Во такви услови таа вирее. Карактеристично е што кладофората на вечер го користи кислородот, а испушта јаглерод двооксид. При високи температури на езерската вода и во присуство на хранливи материи кладофората, или кончестата алга има услови за брз развој. Затоа ја има во такви количини во крајбрежниот појас“, вели познатиот охридски биолог д-р Вера Новевска.
Температурата на водата во Охридското езеро се мери во 7.30 часот наутро и таа вчера била 23,5 степени целзиусови, а завчера 23.
Д-р Новевска напоменува дека зелените алги воопшто не претставуваат опасност за останатиот жив свет во езерото и за капачите на охридските плажи.
Д. ЧУБРИЌ