ЗЕМЈОДЕЛЦИ ГО ОШТЕТУВААТ ЦЕВКОВОДОТ ОД ЕЗЕРОТО ЛИСИЧЕ ДО ВЕЛЕС ЗА ДА ПОЛЕВААТ НИВИ

    ЗЕМЈОДЕЛЦИ ГО ОШТЕТУВААТ ЦЕВКОВОДОТ ОД ЕЗЕРОТО ЛИСИЧЕ ДО ВЕЛЕС ЗА ДА ПОЛЕВААТ НИВИСо оштетувања на цевководот се предизвикуваат неконтролирани истекувања на водата (Фото: СДК.МК)

    Надлежните од ЈКП „Дервен“ констатирале дека цевководот кој од езерото Лисиче носи вода за пиење до Велес е оштетен на повеќе места. Неодговорни граѓани водата ја користат за бесплатно да ги наводнуваат нивните површини. Цевководот е во должина од 21 километар и од велешкото претпријатие не прецизираат колкава е материјалната штета.

    „Често се случува несовесни граѓани да вршат криминални дејствија со цел бесплатно да ја користат водата за наводнување на свои земјоделски површини и за напојување на стоката. Тие оштетуваат елементи на цевководот и со тоа предизвикуваат неконтролирани истекувања на водата“, велат од „Дервен“.

    На овој начин, поаѓајќи од сопствениот интерес, одделни земјоделци нанесуваат огромна штета не само на ЈКП „Дервен“, туку и на земјоделските површини во близина на оштетениот цевководот. Тие прават грешка, објаснуваат стручњаците, оти истекувањето на водата не може да се контролира и со тоа се поплавуваат околните површини.

    Од ЈКП „Дервен“ апелираат за поголема свест кај земјоделците и потсетуваат дека манипулацијата со водоводни инсталации е казниво со закон. Водата која ЈВП „Лисиче“ ја испорачува на ЈКП „Дервен“ е со цена од 3,82 денари за метар кубен или месечно 1,7 милиони денари, а дел од неа се губи поради оштетувањата.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира