ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ОД ВАЛАНДОВСКО ДОБИЈА ВОДА ЗА НАВОДНУВАЊЕ ОД СИСТЕМОТ ЈУЖНОВАРДАРСКА ДОЛИНА, ВРЕДЕН 24 МИЛИОНИ ЕВРА

    ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ОД ВАЛАНДОВСКО ДОБИЈА ВОДА ЗА НАВОДНУВАЊЕ ОД СИСТЕМОТ ЈУЖНОВАРДАРСКА ДОЛИНА, ВРЕДЕН 24 МИЛИОНИ ЕВРАСредствата за изградба на системот за наводнување беа обезбедени од Буџетот на Владата и германската КХФ Банка.

    Земјоделците од валандовските населени места Удово, Јосифово, Пирава и Калково добија вода за наводнување од хидросистемот Јужновардарска долина. Премиерот Зоран Заев, заедно со министерот за земјоделство Арјанит Хоџа и градоначалникот на Валандово Перо Костадинов, го ставија во функција овој систем прeку кој се очекува да се наводнуваат околу 2.150 хектари земјоделско земјиште. Со овој хидросистем, како што кажа министерот Хоџа, се очекува значително да се зголеми конкурентноста на земјоделските производи од овој регион.

    „Овој систем ќе придонесе за интензивирање на земјоделското производство и зголемување на приносите по хектар. Исто така ќе влијае и на развој на општините, а ќе ја поттикне и локалната економија. Земјоделците од овој регион ќе може да го прошират своето производство, да воведат нови култури, за кои е потребно стабилно наводнување“, кажа Хоџа.

    Хидросистемот е вреден над 24 милиони евра. Средствата за негова изградба беа обезбедени од Буџетот на Владата и германската КХФ Банка. Со овој проект изградени се главен цевковод од 9 километри, 6 пумпни станици и дистрибутивна мрежа од 90 километри. Капацитетот на овој систем е 2.300 литри во секунда и ќе биде компатибилен да се гради и третата фаза од овој проект со пумпна станица Страиште.

    „Проектот е од капитално значење. Ги подобрува условите во локалното земјоделие и ја оправдува заложбата за напредок и развој на општината преку земјоделството. Со новиот систем се осовременува процесот на производство и се става точка на идеите за развивање на капацитети со тешка и загадувачка индустрија во нашата општина. Овој систем носи бенефит за околу 1.000 домаќинства од валандовско кои се занимаваат со земјоделие“, кажа градоначалникот Перо Костадинов.

    Со хидросистемот ќе стопанисува АД „Водостопанство“, кое ќе ја испорачува водата до двете земјоделски задруги за наводнување во валандовско. Тие допрва треба да ги утврдат цените за испорака на вода до земјоделците. Според информациите, тие ќе се базираат по површина и во зависност со каква култура е засеана истата.

    В. ТРАЈКОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира