Земјоделците кои одгледуваат сончоглед очекуваат годинашните откупни цени да бидат на ланското ниво и да бидат засеани 20 отсто повеќе површини. За ова беше разговарано во Велес, на средбата на одгледувачите на сончоглед, велешка „Маслодајна“ и министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
„Ги слушнавме условите, тие се во ред за нас, земјоделците. Лани имавме сигурност дека родот ќе биде откупен и навремено исплатен, покриени се трошоците за работа. Очекувам дека ќе има зголемен интерес за сеидбата, која почнува во средина на март“, кажа Никола Петковски, претседател на Здружението на производители на сончоглед.
Ланската откупна цена беше 33 денари за килограм. Велешката фабрика за масло за јадење го откупи целиот лански род од 11.000 тони, а земјоделците беа исплатени уште во јануари. Ланското откупено количество беше рекордно во последните десетина години.
„Од наша страна најавувам дека ќе го откупиме целиот род. Целта е да бидеме што помалку увозно зависни, да не ни се случи како лани, кога имаше забрани за извоз на сончогледот и проблеми во снабдувањето со масло за јадење“, кажа Горан Лазов, директор на „Маслодајна“.
Откупениот род минатата година беше по висока цена, која тогаш ја диктираше светската берза. Сега таа е драстично намалена, па се бара начин како да му се помогне на единствениот производител на масло за јадење од сончоглед во земјава. Цената на еден литар за една година падна од 170 денари на 90.
П. ПЕЧКОВ