ЗГОЛЕМЕН БРОЈ КАСНУВАЊА ОД ЗМИИ, ЦУК ПРЕДУПРЕДИ ДА СЕ ВНИМАВА ПРИ ДВИЖЕЊЕ ВО ПРИРОДА

    ЗГОЛЕМЕН БРОЈ КАСНУВАЊА ОД ЗМИИ, ЦУК ПРЕДУПРЕДИ ДА СЕ ВНИМАВА ПРИ ДВИЖЕЊЕ ВО ПРИРОДАЦУК потсетува дека змиите се дел од природата и не е препорачливо да се убиваат. (Фото: К. Попов)

    Центарот за управување со кризи (ЦУК) апелираше до граѓаните дека при прошетки во природа може да бидат гризнати  од змии. Змиите најчесто бегаат од луѓето, но касаат ако бидат намерно вознемирувани  или во ретки случаи ако случајно бидат нагазени или наседнати.

    „Во таков случај и по прва самопомош е корисно да се јават на 112 во ЦУК, при што ќе бидат поврзани со Итната медицинска помош. Важно е да се потсети дека ако змијата е отровна, покрај правилната прва самопомош е многу важно и за што пократко време да се добие и медицински третман“, велат од ЦУК.

    ЦУК потсетува дека змиите се дел од природата и не е препорачливо да се убиваат.

    Холанѓанец во Охрид каснат од змија вчера беше транспортиран со екипа на Итната медицинска болница во Дебар оти во Општата болница во Охрид во моментот немале противотров за змии. Последниот бил даден на повозрасна жена која била донесена во болницата во петокот. Болницата во Дебар вчера била единствената во блискиот регион која имала серум антивипериум.

    Јетлумт Пашоли, директор на болницата во Дебар, вели дека пациентот бил донесен за да прими терапија и веднаш бил вратен во Охрид.

    „Во тек е тендерската постапка за набавка на лекарства и во меѓувреме колегите во Охрид немале, ги завршиле антивипериум серумите познати како противотров за змии, ние имавме оти имавме такви случаи и набавивме и во овој случај направивме услуга. Значи, го донесоа пациентот, го боцнавме и веднаш го вратија. Нашата болница има ваков серум и луѓе сме се, помагаме институционално“, вели Пашоли.

    Од Охридската болница велат дека серумите се трошат оти имаат зголемен број пациенти, а само во изминатите два месеца имале три случаи на каснување од змија. Во едниот случај станувало збор за повозрасна жена, еден пациент настрадал додека ја расчистувал гаражата во својот дом, а имало и жена која била касната од змија во селото каде живеела.

    Денеска во болницата во Охрид веќе била набавена комплетната терапија за вакви пациенти.

    Од ЦУК велат дека на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 имало повици за многу различни итни случаи, меѓу кои и за опасност од присуство на змии во објекти во населени места. Посочуваат дека во одредени случаи пожарникарите помагаат змиите да се отстранат од објекти и површини во населени места, како при симнување мачки од дрвја или повисоки места, но, нагласуваат, тоа не може да се оствари секогаш, особено во период на сезона на пожари.

    „За вакви специфични случаи на појава на змии во објекти во населени места не постојат специјализирани институции за нивно отстранување, туку има физички лица, а и граѓански асоцијации за заштита на животните, кои можат да им помогнат на граѓаните за безбедно отстранување на змии, други влекачи од објекти и површини. Таквиот ангажман и слично, се остварува секако по непосреден контакт и договор со нив, во рамки на заеднички, а и законски можности“, додаваат од ЦУК.

    Во Македонија има 16 вида змии, од кои два се водни, а три се отровни.

    Отровниот поскок може да се познае по рокчето на главата, а тој и најчесто се забележува во урбаните средини, т.е. пониско, зашто живее на простори до 500 метри надморска височина. Оваа змија меѓу луѓето е позната и како камењарка и е поенергичен вид змија. Над шумската зона отровни се шарката и остроглавата шарка.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира