ЗГУРАТА ОД ДЕПОНИЈАТА КАЈ ВЕЛЕШКА ТОПИЛНИЦА СЕ ОТСТРАНУВА БАВНО ЗАШТО НЕ Е ДОВЕДЕНА СТРУЈА, ПРОЦЕСОТ ЌЕ СЕ ЗАБРЗА ОД МАРТ

    ЗГУРАТА ОД ДЕПОНИЈАТА КАЈ ВЕЛЕШКА ТОПИЛНИЦА СЕ ОТСТРАНУВА БАВНО ЗАШТО НЕ Е ДОВЕДЕНА СТРУЈА, ПРОЦЕСОТ ЌЕ СЕ ЗАБРЗА ОД МАРТЗгурата засега се носи со четири камиони дневно во Србија и Косово (Фото: СДК.МК)

    Отстранувањето на згурата од депонијата близу поранешната Топилница се одвива со мала динамика, се сложуваат концесионерот „Кепс Монт груп“ и локалната власт. Засега, згурата со четири камиони дневно се носи во Србија и Косово. Инвеститорот најавува дека од март планира интензивирање на активностите, а ископувањето да се одвива во три смени. Од „Кепс Монт груп“ велат дека сега работат побавно зашто немаат електрична енергија на депонијата.

    „Потпишавме договор со ЕВН за обезбедување електрична енергија. Таа треба да се доведе до депонијата, а трасата е долга еден километар. Изградбата на довод за електрична енергија до депонијата е неопходна за да се забрзаат ископувањето на суровината и извозот на троската. Сепарирањето на материјалот насобран во црниот рид досега се правеше со помош на генератори, а нафтата е многу скапа и овој процес ја подигна цената на работата“, кажа Кирил Смилковски, управител на „Кепс Монт груп“ за Македонија.

    Кажа дека доведувањето на струјата е нивна инвестиција.

    Отстранувањето на депонијата со згура почна на 17 ноември минатата година. Во прво време згурата се извезува Србија и Косово, каде се договорени 300.000 тони од суровината. Во изминатите месец и половина најмногу се отстранува градежен шут што фирми и поединци со години го фрлале на депонијата. Тој се депонира на општинската депонија.

    „Концесионерот засега работи со мала динамика. Од досегашните ископи е утврдено дека најголем дел од отпадот е градежен шут. Според Б-интегрираната дозвола, која му ја издаде Општината, концесионерот има обврска шутот да го транспортира до локација која во општината се користи за оваа намена“, изјави Билјана Шуркова Манаскова, раководител на Одделението за животна средина.

    Депонијата има од 6 до 10% цинк, олово од 2,2 до 3,4% и железен оксид 25% и тие биле економски исплатливи за експлоатација. Има и арсен и кадмиум, кои се опасни и токсични елементи, но инвеститорот вели со скромни 0,01% и не биле слободни, туку врзани со други елементи, па не претставувале опасност по здравјето на жителите на Велес.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира