Македонски железници АД Транспорт започна со кампања да ги едуцира децата да користат возови и уште од мали нозе да се навикнат на услугите на железницата. Од почетокот на мај, секој вторник и среда, основците од Скопје со воз го посетуваат Велес и се враќаат назад дома. Ова е нов проект на МЖ наречен „Иднината ни е во воз“.
„Целта ни е децата да ги едуцираме како да се возат со воз. Ги учиме на вадење билет на благајна, влегување и излегување од возот, правила на однесување во возот и како се однесуваат кондуктерот и машиновозачот. Пред сѐ, да стекнат навика да го користат возот како превозно средство“, рече Саша Јовановски, директор на патнички сообраќај при МЖ Транспорт.
Поради ограничените можности, засега оваа услуга можат да ја користат децата до петто одделение од скопски основни училишта. МЖ Транспорт им нудат два пакета: еден е со тргнување од Скопје во девет часот, пристигнување и прошетка низ Велес и назад за Скопје на пладне, а втората варијанта е само возење, со тргнување во 13.20 од Скопје.
„Ова е така поради постојниот возен ред и бројот на патнички гарнитури. Кога ќе имаме повеќе возови, можеме да размислуваме за поголема, побогата и различна понуда“, додаде Јовановски.
Колкав е интересот, покажува фактот што до крајот на учебната година, 10 јуни, сите термини за патување на скопските основци се пополнети.
П. ПЕЧКОВ