Градоначалнкот на Општина Центар Андреј Жерновски не ја урива мистериозната дивоградба на аголот на улицата Самоилова и булеварот Никола Карев иако поминаа три недели по најавата за уривање. На 22 февруари, Општината информираше дека побарала асистенција од полиција за уривањето но преписката со МВР, како што велат од Општината, сѐ уште трае.
„По упатување на барањето за асистенција од МВР за уривање на дивоградбата на улица Самоилова, од МВР Општината доби дополнителни барања меѓу кои е и решението да се објави освен во два дневни весника, што е сторено, и во Службен гласник и да се достави копија од констатација. Ова, напоменувам дека, како што посочуваат инспекциски служби, за ниту еден предмет за уривање во ниту еден случај досега не е барано. Општината постапи по нивните барања и во текот на денов ќе биде доставено и ново барање за асистенција од МВР“, вели Катерина Цаневска-Арсова, портпарол на Општина Центар.
Додека трае преписката објектот се гради како да нема решение за уривање. Иневститорот и понатаму за Општината е мистерија и во решението е заведен како непознат.
Општина Центар во декември минатата година го запечати градилиштето, откако општинските инспектори заедно со инспектори од Државниот градежен инспекторат инспекторите утврдиле дека објектот е дивоградба. Непознатиот сторител со затворањето на градилиштето беше обврзан да ја отстрани градбата, која во тој период беше на ниво на темели. Инсpекторите утврдија дека инвеститорот не го испочитувал решението од Општината, ја искинал лентата само еден ден по затворањето на градилиштето и продолжил да гради, па сега веќе се гледаат три ката над земја.
Градоначалникот Жерновски најави дека покрај тоа што ќе го урнат диво изградениот објект, од инвеститорот ќе бараат одговорност и за тоа што не го почитувал решението за стопирање на градбата.