Минатата сабота, територијалната противпожарна единица од Тетово интервенирала во селото Мерово поради пожар на два објекта, семејна куќа и плевна. Со брза интервенција огнот бил изгаснат, но жителите потоа го пријавиле нивниот соселанец дека го подметнал пожарот и дека покрај овие два објекта сакал да ја запали и куќата на негов близок роднина. Тетовската полиција го привела наводниот потпалувач.
„Полициски службеници на СВР Тетово го лишија од слобода 57-годишниот А. А. од тетовско Мерово. Тој бил пријавен од жителите на селото дека предизвикал пожар во куќата во која сам престојувал и во блиската плевна, а се обидел, според пријавеното, да предизвика пожар во уште една куќа, сопственост на негов близок роднина“, соопштија од тетовската полиција.
Потпалувачот бил задржан во тетовската полиција, а Основниот суд во Тетово му одредил притвор од 30 дена.
„Притворениот ќе биде осомничен за кривичното дело предизвикување општа опасност“, соопштуваат од СВР Тетово.
З. АНДОНОВ