Жители на Аеродром најавуваат дека секој ден во 18 часот ќе ја блокираат раскрсницата меѓу булеварите „АСНОМ“ и „Србија“ дури не се среди проблемот со дивата депонија „Вардариште“, која гореше и во неделата.
Всушност, решение бараат веднаш и велат дека не ги интересира што доаѓаат избори.
За време на најновиот пожар во „Вардариште“, од безбедносни причини исклучени беа далекуводите што ги напојуваат со електрична енергија населбите Аеродром и Лисиче. Пет часа граѓаните немаа струја. Со денови смрди од големиот пожар, во чие гасење учествуваа 5 противпожарни возила.
Денеска во 18 часот се собираат граѓаните, а на состанокот треба да ги договорат секојдневните протести што ги најавија на флаери, односно известувања. Тие се особено револтирани што на први септември децата ги испратија на школа во опасна смрдеа од изгорената депонија.