Жителите на неготинските села Криволак и Пепелиште реагираат по најавите дека неексплодираните гранати од Првата светска војна пронајдени во Битола ќе бидат уништувани во наредниот период на полигонот Криволак. Нивната реакција ја пренесе здружението на граѓани „Еко вита“ од Неготино.
„Во сезона на огромна аерозагаденост, уништувањето на 110 тони гранати ќе придонесе за дополнително загадување на воздухот во околината на Криволак. Ова е лозарски крај и кога ќе се уништуваат тие гранати, материјалот ќе се крене во воздух и ќе се разнесе по околината. Наместо носење на нови инвестиции во Неготино, се носи опасен отпад, експлозивен материјал. Она што дополнително загрижува е составот на гранатите, кој е непознат и сомнителен. Согласно Архуската конвенција, кога се работи за заштита на животната средина, граѓаните мора да бидат информирани и вклучени во целиот процес, бидејќи овде се работи и за нивното основно право, правото на здравје“, пишува во реакцијата на „Еко вита“.
Пронајдените гранати во Битола ќе бидат уништени после 15 декември на полигонот Криволак, најавија од Дирекцијата за заштита и спасување.
П. ПЕЧКОВ