Жителите од селото Караорман, кое веќе прерасна во приградска населба на Штип, ќе протестираат поради црпењето песок од реката Брегалница со што нивните ниви кои се во непосредна близина се поткопуваат. Багери, липкери и друга механизација, под изговорот дека го чистат коритото на реката, изнесуваат песок со стотици камиони.
„Не дозволуваме неконтролирано црпење песок во атарот на Караорман затоа што нашите ниви до реката се поткопуваат. На овој потег имаме стотина декари земја која се поткопува и не можеме нивите да ги обработуваме. Пред неколку години, се случи токму такво поткопување кога загубивме неколку стотици хектари обработлива земја. Затоа, бараме целокупната механизација да го напушти овој простор. Во спротивно, ние со наша механизација ќе ги блокираме нив и најавуваме блокирање на патот Штип-Караорман“, вели Мичо Јанев, жител на Караорман.
Незадоволни се сите жители на селото кои имаат ниви покрај реката Брегалница. Тие со години засадувале дрвја покрај реката за да се заштити коритото и нивните ниви од поплавување, но фирмата која црпи песок ги откорнала сите насади. За време вчерашниот и денешниот протест повикале и полиција и инспектори од Општината Штип, но побарале интервенција и на инспекторите од Министерството за екологија, затоа што со црпењето песок се нарушува целиот тек на реката и се уништува растителниот и живиот свет на целиот атар.
Т. ЈОВАНОВСКИ