ЖИТЕЛИТЕ ОД ЛАКОЧЕРЕЈ, ОХРИДСКО БАРААТ ЕВРЕЈСКАТА ВЕРСКА ГРУПА ВЕДНАШ ДА СИ ОДИ ОД СЕЛОТО, ОТИ СЛУШНАЛЕ ДЕКА КИДНАПИРАЛЕ ДЕЦА

    ЖИТЕЛИТЕ ОД ЛАКОЧЕРЕЈ, ОХРИДСКО БАРААТ ЕВРЕЈСКАТА ВЕРСКА ГРУПА ВЕДНАШ ДА СИ ОДИ ОД СЕЛОТО, ОТИ СЛУШНАЛЕ ДЕКА КИДНАПИРАЛЕ ДЕЦАЖителите на селото Лакочереј излегоа на улица со барање да се исели групата оти се плашеле за својата безбедност. (Фото: СДК.МК)

    Членовите на еврејската религиозна група „Лев Тахор“, кои претходно престојуваа во Куманово и Скопје, се донесени во охридското село Лакочереј, реагираат мештаните. Според нив групата од 37 членови, повеќето од нив малолетни лица, е сместена во хотел.

    Вознемирени и уплашени, денеска жителите на селото излегоа на улица со барање да се исели групата оти се плашеле за својата безбедност.

    „За првпат во мојот живот чуствувам ваков страв. Бараме групата да се исели од селото. Ние ниту сакаме да ги малтретираме ниту да ги навредуваме. Сакаме само да заминат оттука. Читаме дека оваа група не е пожелна никаде и поради тоа не сакаме да биде присутна и тука. Се зборува дека киднапирале деца иако ние тоа не можеме да го тврдиме, но страв постои. Не случајно е избрано ова село кое е чисто православно со 5 цркви“, велат мештаните.

    Сведоци биле кога групата со полициска придружба пристигнала во селото и побараа надлежните итно да ги дислоцираат.

    „Пристигнаа со автобус. Се истовараа куфери. Имаше мажи, жени и мали деца. Низ селото не шетаат, сместени се во хотелот. Не знаеме зошто се тука и доколку не заминат ќе излеземе на масовни протести. Ги избркаа од Куманово, од Тетово и нема да запреме додека не заминат и од тука“, вели Илче Настоски, жител на селото.

    „Лицата за кои прашувате ги почитуваат законите на Република Северна Македонија, се целосно со легален престој тука, и привремено престојуваат во нашата држава. Наведената група не претставува никаква опасност и апелираме на толеранција и солидарност кон истите“, велат од МВР.

    Од охридската полиција за САКАМДАКАЖАМ.МК кратко кажаа дека до овој момент нема ниту пријава ниту поплака за вакви лица на територијата на Општина Охрид.

    Очевидци од местата низ кои престојуваат, велат дека овие луѓе никого на криво не погледнале, а камо ли да прават проблеми. Сепак, верниците најпрво во Куманово, а потоа и во Скопје предизвикаа лавина негативни реакции и говор на омраза на социјалните мрежи, како и напади со фрлање јајца и камења, поради што полицијата мораше да ги чува.

    Групата во која членуваат американски, канадски, белгиски и граѓани од Јужна Америка, до пред десетина дена престојувала во Сараево, Босна и Херцеговина, па откако завршил престојот дошла во Македонија. Тука планирале да останат извесен период и потоа да продолжат понатаму. Честото селење е типично за групата, па така освен во Македонија и Босна и Херцеговина, одреден период престојувале и во САД, Канада, Израел и Романија.

    „Лев Тахор“ („Чисто срце“) е еврејска религиозна група основана во 1988 која брои 250 членови. Верниците се противат на државното уредување од верски причини, поради што живеат по свои правила во верба дека човекот може да го спаси само господ. Но поранешни членови кои ја напуштиле групата сведочат дека лидерите последниве години вовеле екстремни практики, како детски бракови и малолетнички секс.

    Тие претходно ја напуштиле Канада, откако нивниот водач и неколку членови биле обвинети и лани во ноември во САД осудени за киднапирање 14-годишна девојче и 12-годишно момче од мајка која претходно била дел од групата и подоцна ја напуштила. Според американските власти, еден од лидерите вмешан во киднапирањето е брат на жената чии деца ги грабнал за да ги врати во групата.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира