ЖИТЕЛИТЕ ОД РЕГИОНОТ АЗОТ БЛОКИРАНИ СО СЕКОЈ ШТРАЈК НА ЖЕЛЕЗНИЧАРИТЕ ОТИ НЕМА АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ ДО ВЕЛЕС

    ЖИТЕЛИТЕ ОД РЕГИОНОТ АЗОТ БЛОКИРАНИ СО СЕКОЈ ШТРАЈК НА ЖЕЛЕЗНИЧАРИТЕ ОТИ НЕМА АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ ДО ВЕЛЕСВозовите се единствената врска на Богомила со Велес (Фото: СДК.МК)

    Жителите на регионот Азот во Општина Чашка се мачат да стигнат до нивните работни места. Откако вработените во Македонски Желзници (МЖ) од минатиот петок штрајкуваат за неисплатени плати, возовите сопреа и прекината е врската со Велес, оти нема редовна автобуска линија на оваа релација. Патувањето од Богомила, Теово и Согле до Велес е можно само со сопствен превоз.

    „Од Богомила до Велес и назад има 100 километри или еден автомобил троши 900-1.000 денари. Пет дена патуваме, но не можеме секојдневно. Некои од нас остануваат кај роднини или колеги. Но, така не се функционира. Штрајкот на железничарите нѐ чини многу скапо“, велат жителите од селата од Азот.

    Тие работат во „Колска“, „Брако“, „Пошта“… Додаваат дека не е така само со овој штрајк. Секој прекин на работата на железничарите тие го чувствуваат по сопствениот џеб оти железницата им е единствената врска со светот.

    Бидејќи има железнички превоз, никогаш не заживеа локална автобуска линија Богомила-Велес оти автобуските превозници немаат економски интерес да ја одржуваат.

    Штрајкот на машиновозачите започна на 25 август и сѐ уште е активен. Тие бараат исплата на втората половина на јулската плата.

    „Никој од менаџерскиот тим не дава објаснување зошто нема плата. Крајно време е одговорноста за нефункционалноста и пропаста на железницата да ја преземе менаџерскиот тим. Доста покажуваат со прст кон нас“, вели Тони Димовски, претставникот на машинскиот и извршниот персонал при МЖ АД Транспорт.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира