ЖИВА И СРЕБРО НАЈДЕНИ ВО ВОДАТА НА КАНАЛОТ КАЈ ТАОР КОГА СЕ ПОЈАВИ ГУСТА БЕЛА ПЕНА

    ЖИВА И СРЕБРО НАЈДЕНИ ВО ВОДАТА НА КАНАЛОТ КАЈ ТАОР КОГА СЕ ПОЈАВИ ГУСТА БЕЛА ПЕНАИнцидентот, кој беше регистриран на 21 ноември лани, според Инспекторатот се случил веднаш по активирањето на пумпите за отпадни води од системот на Скопско Поле, при што визуелно било утврдено можно сериозно хемиско загадување на Вардар. (Фото: СДК.МК)

    Жива и сребро се најдени во одводниот канал кај селото Таор, каде на 21 ноември лани каде на површината се појави густа бела пена, покажаа резултатите на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), а по испитувањето на мострите земени од површинската вода во каналот. Испитувањето е извршено по барање на АД „Водостопанство“.

    „Има зголемен број на термотолерантни колиформни бактерии, има зголемени концентрации на жива, а од страна на ИЈЗ е препораката да се следи појавата на жива која е невообичаена досега, а претставува опасност за рибниот фонд и здравјето на луѓето доколку се консумира истата. Исто така, има и зголемување на нитрити како азот, како и појава на зголемено сребро“, изјавија од Државниот инспекторат за животна средина за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Инспекторатот потенцира дека во овој канал завршуваат сите отпадни води од општините Гази Баба, Илинден, Арачиново и Петровец. Скопје уште нема пречистителна станица за третман на отпадни води.

    Инцидентот, кој беше регистриран на 21 ноември лани, според Инспекторатот се случил веднаш по активирањето на пумпите за отпадни води од системот на Скопско Поле, при што визуелно било утврдено можно сериозно хемиско загадување на Вардар.

    Согласно Уредбата за класификација на водите и уредбата за категоризација на водотеците и езерата, испитуваниот примерок не одговара на неа според член 4 и табелите за органолептички показатели, показателите за киселост, показателите за минерализација и за гранични вредности на штетни и опасни материи, во овој случај присуство на жива и сребро.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира