Велешанецот кој пред четири месеци на улица пронајде 12-годишното девојче во бессознание вели дека дури сега по објавувањето на случајот со сексуално злоставуваната малолетничка од домот „25 Мај“, сфатил дека станува збор за истото девојче.
Таа во Велес била пронајдена во бессознание на 13 ноември лани. Нашиот соговорник вели дека ја пронашол на почеток на улицата Вера Циривири во вечерните часови.
„Беше понеделник вечер околу 22 до 22.15 часот се прибирав дома, кога на улицата во соседството забележав нешто како дете. Кога се приближив видов дека е девојче, кое не даваше знаци на живот, лежеше, не мрдаше. Минуваше и една жена, па заедно се обидовме да помогнеме. Имаше слаб пулс кога ја фатив за раката. Повикавме брза помош која дојде набргу, заедно ја качивме на носилката и ја однесоа во Болница. За настанот очекував следниот ден или наредните, информација во медиумите, стравував по нејзиниот живот, но немаше никаде никава вест“, вели соговорникот.
Тој додава дека девојчето било облечено несоодветно за ноември месец, било босо, без чорапи и обувки, со горна тренерка.
Од велешката полиција завчера открија дека минатата година на 13 ноември околу 22.30 ч. на детското одделение во ЈЗУ Општа Болница Велес, било пријавено дека е донесена малолетничка во бессознание. По извршените прегледи врз детето во Судска медицина Скопје, откриено е дека врз девојчето е извршен полов напад.
Подоцна за сторител е идентификуван Е. Х. (18) против кого беше поднесена и кривична пријава за „полов напад врз дете“, а истрагата е проширена и против други лица. Малолетната Р.И. на петгодишна возраст била одземена од родителите, кои морале да одат затвор затоа што питачеле заедно со неа.
Министерството за труд и социјална политика утринава соопшти дека инспекцијата утврдила низа прекршувања на законот од страна на Центарот за социјална работа во случајот на Р.И и дека се подготвуваат прекршочни и кривични пријави за одговорни и стручни лица.
П. ПЕЧКОВ